Научниците претпоставуваат дека пред 4 милијарди години Јупитер има исфрлено џиновска планета од Сончевиот Систем, кога тој бил во првобитната фаза. Астрономите од Универзитетот на Торонто ја симулирале орбитата на Јупитер и Сатурн со месечините и добиле претстава за како тие би изгледале при интеракција со друго џиновско тело. На база на ова, се претпоставува дека Јупитер исфрлил од системот некоја ваква џиновска планета.
Почетоците на нашиот систем се исполнети со мистерии кои тешко се откриваат, па научниците постојано се потпираат на симулации при проучувањето на создавањето на планетите. Моделите можат да ги предвидат сегашните орбити на гасовитите џинови, видот на сателитите кои настанале, структурата на Кајперовиот Појас и сето ова со умерен степен на точност. Иако овие модели можат да предвидат многу карактеристики, сепак од тоа изостануваат надворешните планети со нивната ексцентричност.
Во 2011 година била предложена корекција со која се покажува како, доколку се додаде петта гасовита џиновска планета која подоцна била исфрлена, симулациите ја предвидуваат денешната состојба на системот со поголема точност. Според овој модел од 2011 година, отфрлената планета била замрзнат џин, со јаглерод и кислород во својот состав, со слична маса како Уран и Нептун. Јупитер и Сатурн пак, се состојат од полесни елементи, претежно водород и хелиум.
Во моделот се претпоставува дека Сатурн или Јупитер биле одговорни за исфрлањето на оваа хипотетичка планета. За да се тестира дополнително оваа теза, астрономите го симулирале ефектот на планетарната интеракција која би настанала со месечините на Јупитер и Сатурн. Дури и една средба со волку голем џин би можела значајно да ги измени орбитите на сателитите.
Проучувани биле Калисто, месечина на Јупитер, како и Јапет, една од месечините на Сатурн. Овие две тела се на пошироките орбити и се претпоставува дека настанале од диск од прашина и гас околу нивните планети, слично како што настануваат и самите планети околу ѕвездите. Затоа, се претпоставува дека тие биле веќе присутни за време на почетните, нестабилни фази на Сончевиот Систем. Според истражувањето, има далеку поголеми шанси виновникот за исфрлањето на планетата да е Јупитер, а не Сатурн, бидејќи орбитата на Калисто во симулациите наликува на фактичката орбита на сателитот.
Ваквите нумерички истражувања и симулации се мошне важни за подобро да ја разбереме еволуцијата на нашиот систем, да дознаеме за неговата состојба во минатото, како и за начините на кои е дојден до оваа денешна фаза.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFL Science