Јупитер не орбитира околу Сонцето!

0

Јупитер не орбитира околу Сонцето!Верувале или не, ова е факт со којшто ќе мора што поскоро да се соочите и да ги заборавите сите досегашни мислења на темата и моментите во кои сте слушнале дека Јупитер орбитира околу нашето Сонце. Нашата петта, воедно и најголема планета е всушност огромна. Нејзината маса е околу 2.5 пати поголема од масата на сите други планети заедно во нашиот систем. Па токму затоа, центарот на гравитацијата помеѓу неа и Сонцето всушност не е ни во рамките на Сонцето, туку е во точка во Вселената која се наоѓа близу над неговата површина. Па така, би било погрешно, односно непрецизно ако кажеме дека Јупитер орбитира околу Сонцето.

Кога мал објект орбитира околу друг голем објект во просторот, тој не се движи по патека на правилна кружница, туку двата објекти орбитираат околу комбиниран, заеднички центар на гравитација. На пример, Земјата орбитира околу значително поголемото Сонце. Во овој случај, центарот на гравитацијата е многу блиску до центарот на големиот објект, тие се речиси на идентично место, па затоа разликите и промените во орбитата се навистина незначителни. Така, сликата која ја добиваме е дека големиот објект не се поместува, а помалиот си кружи околу него. Но, реалноста е секогаш покомплицирана. Па така, кога Меѓународната Вселенска Станица (МВС) орбитира околу Земјата, двете тела орбитираат околу заедничкиот центар на гравитација. Исто како и во претходниот пример, и овде разликата е незначително мала и се чини дека сателитот прави речиси совршен круг околу нас, а ние во споредба со него стоиме неподвижно. Вакви се случаите и со Земјата, Венера, Меркур, па дури и Сатурн, чии центри на гравитација се во рамките на Сонцето.

Но, како што веќе беше кажано, кај Јупитер имаме малку поинаква ситуација. Нивниот центар лежи на 1.07 соларни радиуси од средината на Сонцето, односно нешто над површината. Така, двете тела орбитираат околу тој заеднички центар.

Погледнете ја оваа илустрација од НАСА за полесно да го воочите ефектот:

Повторно, не станува збор за некоја значителна разлика и покрај Јупитер со неговата масивност, но никогаш не е на одмет да се знае уште еден нов и интересен факт од Вселената.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.