Ново истражување укажува дека јадрото на Енцелад, месечината на Сатурн, е слична на метеоритите, особено хондрити, неметални карпи формирани од прашина што се судирала во раниот Сончев систем. Истражувањето укажува дека не само што Енцелад е формиран многу порано од она што до сега се сметаше, но поставува и нови прашања за возможна погодност за живот на месечината под замрзнатата површина.
Се смета дека Енцелад има простран глобален океан под замрзнатата кора, и наизменично исфрла материјал во форма на облаци. Во оваа студија, научниците се обиделе да го реплицираат познатиот состав на течностите во таквите облаци.
Резултатот покажува докази за серпентинизација која се одвива во океанот, процес при кој примитивни материјали се менуваат со хидратација, укажувајќи дека внатрешноста на Енцелад е слична на примитивни метеорити од почетоците на Сончевиот систем. За Земјеното јадро исто така се претпоставува дека е хондрит.
Во претходна студија, откриени беа силикатни наночестички во облаците кои еруптираат од океанот на Енцелад, според прелети на леталото Касини низ облаците. Експериментите изведени во новата студија покажуваат дека за да се создадат силикатни наночестички во Енцелад, треба да се случат хидротермални реакции во порозното јадро направено од карпи слични на хондрити.
Но, ова воведува одредена дилема. Јадро составено од хондрити би укажувало дека Енцелад не доживеал никакво топење на карпите при формирањето, нешто именувано како “жежок почеток”, бидејќи доколку ова се случило, карпите не би биле во нивната примитивна состојба. Ова исто така би требало да значи дека нема исто ниво на хидротермална активност, како што е забележано од облаците кои ги гледаме денес, што укажува дека настан при кој дошло до загревање, како огромен судир, можеби се случил неодамна и да ја предизвика оваа активност. Ова пак, создава компликации за можностите за живот на Енцелад.
Доколку сегашната хидротермална активност е предизвикана од неодамнешен настан, населивите средини на Енцелад не би продолжиле толку долго како на Земјата. Од друга страна пак, хидротермални реакции во рамките на јадрото од хондрити би биле поволни за задржување на примитивен живот од аспект на енергија со тоа што би произвеле големо количество на водород.
Ова создавање на водород би било предизвикано од присуството на железо, што реагира со вода, извор на енергија за примитивни микроби наречени метаногени. Останатите главни компоненти во јадрото на Енцелад се силициум, кислород и магнезиум.
Така, покрај тоа што ни дава поглед кон можниот состав на Енцелад, ова истражување поставува нови прашања за населивоста на оваа месечина. Присуството на водород е клучно, но ако се испостави дека имало релативно голем судир неодамна, би можеле да пропаднат сите надежи за погодност за живот.
На 28 октомври, Касини повторно прелета низ облаците на Енцелад, па истражувачите се надеваат на нови податоци за што се случува во внатрешноста на оваа интригантна ледена месечина.
Превод: Биљана Велинова
Извор: IFLS