Индикаторите покажуваат дека на Марс можат да растат компири

0
Индикаторите покажуваат дека на Марс можат да растат компири

Во проектот биле имитирани составот и карактеристиките на атмосферата на Марс – количеството на кислород и јаглерод диоксид, како и атмосферскиот притисок. Заслуги: International Potato Center

Меѓународниот центар за одгледување компири (CIP) спроведе низа на експерименти за да открие дали компирите можат да растат во атмосферските услови на Марс. Се покажа дека тоа е можно, исто како што тие можат да растат и во екстремни услови во некои делови на Земјата. Втората фаза од напорот на CIP за докажување на услови за одгледување компири на Марс започна на 14-ти февруари 2016 година, кога компиров никулец беше ставен во специјално дизајнирана кутија со содржина слична на Марсовата почва и атмосфера, изградена од инженери на Универзитетот за технологија и инженерство Лима (UTEC) и базирана врз дизајни на Истражувачкиот центар Ејмс при НАСА (NASA ARC), Калифорнија. Прелиминарните резултати се позитивни.

Проектот „Компири на Марс“ беше создаден од CIP не само за да покаже дали компирите можат да растат на Марс, туку и да покаже дали можат да опстојат во екстремни климатски услови слични на оние кои веќе се случуваат на Земјата како последица на глобалното затоплување.

„Одгледувањето на растителни култури во Марсовски услови е важна фаза од овој експеримент“- изјави Хулио Валдивиа-Силва, научен соработник на институтот SETI, кој работел во NASA ARC, а сега работи на Универзитетот за технологија и инженерство во Лима. „ Ако растенијата можат да ги издржат екстремните услови на кои ги изложуваме во нашата т.н. инкубаторска кутија, тогаш имаат добри шанси за живот на Марс. Низ серија експерименти ќе се потрудиме да откриеме кој вид на компири издржува најдобро. Наша цел е да дознаеме кои се минималните потребни услови за да може компирот да преживее “- рече тој.

Кутијата со вештачки услови е нешто налик на инкубатор што ги содржи почвата, по состав слична на Марсовата, и растенијата вклучени во експериментот. Внатре, во херметички затворената средина, системот овозможува вода богата со хранливи материи, Марсовски температури на воздухот и дење и ноќе, Марсовски атмосферски притисок, контролирано ниво на кислород на јаглерод диоксид и сл. Сензорите константно ги следат овие услови, а камерите за директен пренос постојано снимаат во исчекување компирите да никнат.

Почвата во која се врши експериментот е почва од пустина во Перу. „Баравме сува почва многу слична на Марсовата, и успеавме да ја најдеме само во оваа пустина.“- вели Крис Меккеј од ARC при NASA. „Ова истражување не само што ќе придонесе во развојот на науката на Марс, туку и ќе донесе директни технолошки и биолошки поволности за Земјата.“

Од почетниот експеримент, научниците од меѓународниот центар за компири заклучија дека идните мисии на Марс (со цел да одгледуваат компири на планетата), ќе мораат да подготват почва со ровка структура за да може да им се овозможи на никулците да добијат доволно вода и кислород. „ Пријатно изненадување беше кога видовме дека компирите кои ги одгледуваме, што го толерираат абиотскиот стрес, можат да никнат во овој вид на почва,“ изјави одгледувачот на компирите во CIP, Волтер Аморос. Тој додаде дека без разлика од успехот во мисиите на Марс, експериментот веќе обезбедил позитивни резулатати за потенцијалите на компирот како растение, а со тоа може да се помогне на гладните ширум светот.

Најважно е дека резулататите покажуваат дека нашите напори за одгледување видови растенија со голем потенцијал за зајакнување на резервите на храна во подрачја кои се, или ќе бидат загрозени како последица на климатските промени, функционираат. Колку ова ќе успее да помогне во развојот на животот на Марс, останува да видиме.

Превод: Давид Симоновски

Извор: Phys

Сподели.