Со помош на Хабл (Hubble), се оствари досега најголемата и најдетална анализа во видлива светлина на дисковите со остатоци од прашина кои орбитираат околу ѕвездите. Овие дискови се најверојатно настанати од судири меѓу останати објекти од процесот на формирање планети. Дисковите кружат околу млади ѕвезди со само 10 милиони години, па сè до зрели, со над 1 милијарда години.
Со Хабл беа откриени неочекувани разнивидности и комплексност кај овие дискови, со што се претпоставува дека можеби се под гравитациско влијание на сè уште незабележани планети кои орбитираат околу ѕвездите. Или пак, овие ефекти се добиени како последица на патот на ѕвездата низ меѓуѕвездениот простор. Не постојат исти дискови и сите заземаат комплексни тридимензионални површини. За ова истражување биле проучувани 10 системи од остатоци и еден зрел протопланетарен диск, MP Mus. Заклучокот кој со сигурност може да се донесе од испитувањето на толку мал примерок е разновидноста. За подобро разбирање на овие системи ќе мора да се проучат влијанијата околните појави како ѕвездени ветрови и облаци со меѓуѕвездена материја, понатаму факторите како масата и староста на ѕвездата, количината на тешки хемиски елементи итн.
Астрономите од 1995 година имаат пронајдено околу 4000 кандидати за планети, повеќето преку индиректните методи за детекција и само околу дваесетина дискови од остатоци. Оваа мала бројка е последица на сјајноста на овие дискови, кои вообичаено се 100.000 пати побледи од нивните ѕвезди. Повеќето од веќе детектираните дискови се откриени благодарение на Хабл и неговата способност да фотографира со голем контраст.
Со ова истражување исто така може индиректно да се дознае и за формацијата и еволуцијата на нашиот Сончев систем. Поконкретно, се смета дека можниот судир на планети во дискот околу HD 181327 е сличен со формацијата на системот Земја – Месечина и Плутон – Харон, кога при судир на две планетарни тела се ослободил остаток од материја од кој потоа се оформиле сателитите.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys.org