Хабл ја разреши мистеријата за отсуство на вода на планетите од типот врели Јупитери

0
Хабл ја разреши мистеријата за отсуство на вода на планетите од типот врели Јупитери

Илустрации на десетте планети кои биле набљудувани за оваа студија. Астрономите сè уште не знаат како всушност изгледаат овие планети, освен за HD189733, за која се знае дека е сина боја.

Астрономите ги искористиле вселенските телескопи за да утврдат дали егзопланетите немаат вода на површината, или пак таа е скриена зад магла и облаци. Истражувањето било направено на 10 планети од типот на врели Јупитери, а користени се податоци од вселенските телескопи на НАСА, Хабл и Спицер. Целта била решавање на мистеријата за присуството на вода на овие планети, односно зошто дел од нив се чини дека имаат помало количество од очекуваното. Откритијата носат новини во широката разновидност на планетарни атмосфери во галаксијата, како и за подреденоста на планетите.

Потврдени се околу 2000 планети кои орбитираат околу нивните ѕвезди-домаќини и дел од тие се гасовидни, со карактеристики слични на Јупитер. Но, главната разлика е во нивните орбити кои се многу блиску до ѕвездите поради што овие планети се екстремно врели. Поради блискоста до ѕвездите, тие воедно се и тешки за набљудување, бидејќи ѕвездениот сјај ја заматува сликата. Токму поради ова, Хабл има истражено само мал примерок од овој тип планети. На некои од примероците откриено е значително помало количество вода од она што го предвидуваат атмосферските модели.

Меѓународниот тим од астрономи го реши овој проблем правејќи каталог од атмосферите на екстрасоларните планети. За време на транзитот на овие планети, односно движењето по орбитата на места кои се појавуваат пред нивната ѕвезда и така се видливи од Земјата, дел од ѕвездената светлина патува низ надворешната атмосфера на планетата. Атмосферата остава отпечатоци на ѕвездената светлина, која може да ја проучуваме откако ќе дојде до нас.

Со комбинација на податоците од телескопите Хабл и Спицер, тимот успеал да добие широк спектар од светлина кој варира од бранови должини од оптичкиот до инфрацрвениот спектар. Разликата помеѓу планетарните радиуси на инфрацрвена и видлива бранова должина се користи за да се утврди типот на планетарната атмосфера без разлика дали станува збор за бистра или замаглена. Наоблачена планета ќе се гледа како поголема во видливиот дел од спектарот отколку во инфрацрвениот. Токму оваа споредба им овозможи на научниците да најдат врска помеѓу замаглени или облачни атмосфери и слаби знаци на вода.

Се открило дека атмосферите на планетите се многу поразновидни отколку што се очекуваше. Според резултатите се претпоставува дека облаците ја кријат водата на врелите Јупитери. Алтернативната теорија е дека планетите се формираат во средина без вода. Во секој случај, ова ќе налага одново да се разгледаат сегашните теории за формирањето на планетите.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Astronomy Magazine

Сподели.