Тим од научници верува дека планиниските ридови кои се наоѓаат на екваторот на месечината Јапет имаат необично надворешно потекло. Оваа теорија е базирана на 3Д моделите кои ги развиле, како и на многуте анализи на присутните плнанински врвови.
Јапет е една од 60-те месечини кои орбитираат околу Сатурн и воедно е трета по големина. Таа се разликува од останатите сателити токму по овој екваторски гребен, но и по чудната обоеност во две нијанси.
Научниците беа збунети во врска со потеклото на овој планински гребен со оглед на тоа што на Јапет нема докази за никакви други геолошки случувања кои би го предизвикале неговото формирање. Па затоа, се јави теоријата дека овој гребен потекнува од надвор. На 3Д моделите се забележува дека повеќето од врвовите на гребенот се на максимум висина, односно на самата точка пред материјата да почне да се рони од врвот кон површината. Нормалните геолошки активности создаваат пониски и не толку идентични врвови. Па затоа, научниците предвидуваат дека овој гребен е оформен од материјата од прстен на тело кое во минатото кружело околу. Ова најверојатно се случило како последица на судар помеѓу месечината и друго тело, или пак помеѓу две други тела кои биле во близина. Остатоците материја од овој настан со тек на времето биле повлечени кон екваторот како последица на гравитацијата.
Извор: phys.org
Превод: Михаела Стојанова