Една од најголемите мистерии во галактичката еволуција е судбината на масивните галаксии што постоеле во раниот Универзум.
Астрономите од Универзитетот за технологија во Свинбурн веруваат дека го откриле одговорот. Кога нашиот Универзум бил млад имало многу компактни, елиптични галаксии со трилиони ѕвезди. Поради времето потребно за пат на светлината низ вселенските пространства ги гледаме далечните галаксии такви какви што биле во нашиот млад Универзум. Но, во денешниот Универзум многу малку од тие сферични галактички системи се набљудувани.
Најпопуларната теорија е дека спојувањата на галаксиите довело до нивно уништување и трансформација во поголеми елиптични галаксии. Но, нема доволно галактички судири кои соодветствуваат со намалувањето на бројот на овие компактни сфероиди.
Астрономите од Свинбурн, водени од професор Грахам, ја елиминирале потребата од оваа проблематична теорија бидејќи ги лоцирале исчезнатите галаксии.
Според нив, сфероидите се скриени од дискови на ѕвезди кои најверојатно се создале од акумулацијата на водороден гас и помали галаксии низ еоните. Бројот на такви скриени системи е близок со бројот на компактни масивни галаксии во раниот Универзум.
За разлика од масивните диносауруси кои постоеле кога земјата била млада, галактичките диносауруси на нашиот Универзум не се истребени – тие се само вметнати во големи тенки дискови на ѕвезди. Поради големината на модерните галаксии тие се третираат како едни ентитети. Но, со внимателни раздвојувања на компонентите на секоја галаксија, односно на внатрешниот сфероид и надворешниот диск, истражувачите ја откриле исчезнатата популација. Ова објаснува зошто биле исчезнати; едноставно требало подобро да ги дисецираме галаксиите, наместо да ги сметаме за единечни објекти.
Близу до дома, централниот сфероид на нашиот Млечен пат изгледа постоел кога нашиот Универзум бил млад. Знаеме дека некои од неговите ѕвезди се стари 12 милијарди години, односно не многу помлади од нашиот Универзум. Несигурното прашање е која фракција на нашата галаксија била изградена од останати процеси.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: Phys