Гаја забележа ѕвезди кои летаат меѓу галаксиите

0

Позициите и реконструираните орбити на 20 ѕвезди со висока брзина, претставени врз уметнички приказ на нашата галаксија – Млечниот Пат. Заслуги: Европска Вселенска Агенција (уметнички приказ и композиција); Марчети и др. 2018 (позиции и траектории на ѕвездите); НАСА/ЕСА/Хабл (галаксии во позадината) CC BY-SA 3.0 IGO

Тим астрономи од Лајден ги искористиле најновите податоци од мисијата Гаја на Европската Вселенска Агенција (ESA) за да трагаат по ѕвезди кои со висока брзина се исфрлени надвор од млечниот пат. Но, биле изненадени кога нашле ѕвезди кои брзаат навнатре кон галаксијата – можеби од друга галаксија. Во Април ѕвездениот набљудувач Гаја ослободи неверојатен каталог на повеќе од милијарда ѕвезди. Астрономите низ светот работат неуморно минатите неколку месеци да го истражат овој посебен сет на податоци, детално испитувајки ги својствата и движењата на ѕвездите во нашата галаксија и пошироко со досега невидена прецизност од што произлегуваат многу нови и интригантни научни трудови.

Млечниот пат има над сто милијарди ѕвезди. Поголемиот дел од нив се наоѓаат во диск со густ, испакнат центар во средината на кој има супермасивна црна дупка. Остатокот од нив се раширени во многу поголемот сферично хало. Ѕвездите кружат околу млечниот пат со брзина од стотици километри во секунда, и нивните движења содржат богатство на информации за историјата на галаксијата. Најбрзата класа ѕвезди во нашата галаксија се наречени ѕвезди со хипербрзина, кои се мисли дека го започнуваат својот живот близу галактичкиот центар за подоцна да бидат исфрлени кон работ на Млечниот Пат поради интеракциите со црната дупка.

Само мал број на хипербрзи ѕвезди се откриени со што неодамна објавените податоци од Гаја се уникатна можност за потрага по повеќе. Неколку групи на астрономи веднаш се фатија за новите податоци во потрага по хипербрзите ѕвезди веднаш по објавувањето. Меѓу нив, тројца научници од универзитетот во Лајден наидоа на големо изненадување.

За 1,3 милијарди ѕвезди Гаја изврши мерења на позиции, паралакси (кои се индикатор за нивното растојание) и 2Д движења на небото.За седумте милиони најсветли исто така направи и мерења за тоа колку брзо се движат од или кон нас. „Од седумте милиони ѕвезди за кои беа направени целосни 3Д мерења на брзината најдовме само дваесет кои се движат доволно брзо за евентуално да избегаат од млечниот пат.“, вели Елена Мариа Роси еден од авторите на новиот труд.

Елена и колегите кои веќе имаа откриено неколку хипербрзи ѕвезди минатата година во истражувачки труд базиран на првите податоци ослободени од Гаја, биле пријатно изненадени, бидејки очекувале да најдат барем една ѕвезда која ја напушта галаксијата во овие седум милиони. Но тоа не е се. „Наместо да се оддалечуваат од галактичкиот центар повеќето од ѕвездите со висока брзина кои ги забележавме брзаат кон него.“ додава ко-авторот Томасо Марчети. „Ова може да се ѕвезди од друга галаксија, кој минуваат низ Млечниот Пат.“

Возможно е да овие интергалактички натрапници доаѓаат од Големиот Магеланов Облак, релативно мала галаксија која орбитира околу Млечниот Пат, или пак можеби доаѓаат од галаксија која се наоѓа подалеку. Ако е така тогаш тие со себе го носат обележјето на своето потекло, и проучувајки ги на поблиски растојанија од нивната родна галаксија може да ни даде значајни информации за природата на ѕвездите во друга галаксија – слично како проучувањето на марсовскиот материјал донесен на нашата планета од метеорити.

„Ѕвездите може да бидат забрзани до високи брзини кога имаат интеракција со супермасивна црна дупка“ објаснува Елена. „Присуството на овие ѕвезди може да е знак за таква црна дупка во блиска галаксија. Но ѕвездите исто така можеби некогаш биле дел од бинарен систем кој биле исфрлени кон млечниот пат при експлозија на нивната ѕвезда придружник како супернова. Во секој случај, нивното проучување може да ни каже повеќе за овие процеси во блиските галаксии.“

Алтернативното објаснување е дека ново-идентификуваните брзи ѕвезди потекнуваат од нашето хало, забрзани и бутнати навнатре преку интеракциите со една од џуџестите галаксии кои паднале кон Млечниот пат за време на историјата на неговото формирање. Додатни информации за староста и составот на овие ѕвезди би им помогнале на астрономите да го разјаснат нивното потекло. „Ѕвезда од халото на Млечниот Пат најверојатно е многу стара и воглавно направена од водород, додека ѕвездите од другите галаксии може да содржат многу потешки елементи.“ вели Томасо. „Гледањето на боите на ѕвездите ни кажува од што се направени“.

Новите податоци ќе помогнат во разоткривањето на природата и потеклото на овие ѕвезди со поголема сигурност, додека пак тимот ќе користи земјени телескопи да дознае повеќе за нив. Во меѓувреме Гаја продолжува со набљудувањата на целото небо вклучувајки ги и ѕвездите од овој труд. Додека ја истражува природата на овие можни ѕвездени натрапници, тимот исто така е зафатен со копање по податоците од Гаја во потрага по уште брзи ѕвезди и гледа кон иднината. Барем уште два пакета на податоци од страна на Гаја се планирани за 2020тите и секој од нив ќе достави попрецизни и нови информации за поголем збир на ѕвезди.

„Евентуално очекуваме целосни 3Д мерења на брзината на 150 милиони ѕвезди“ објаснува ко-авторот Анотни Браун, водач на Егзекутивниот конзорциум за процесирање и анализа на податоците од Гаја. „Ова ќе помогне во откривањето на стотици или илјадници хипербрзи ѕвезди, разбирањето на нивното потекло во поголеми детали и нивното искористувањето во истражувањето на околината на галактичкиот центар како и историјата на нашата галаксија“ додава тој. „Овој возбудлив резултат покажува дека Гаја е вистинска машина за откритија, која ни дава подлога за комплетно неочекувани откритија за нашата галаксија“ заклучува Тимо Прусти, проектен научник при Европската Вселенска Агенција.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Phys.org

Сподели.