Мрежа од фосилизирани речни корита беше откриена на античките региони на Марс, со што се зголемуваат претпоставките дека тамошната ситуација во минатото била сосема поинаква од она што го гледаме сега. Ова значи дека пред околу 4 милијарди години на Марс постоела топла и влажна клима. Истражувањето откри поранешни речни канали долги повеќе од 17.000 километри, во северната област наречена Арабија Тера (Arabia Terra). Со ова, се докажува присуството на вода на Марс во далечното минато. Климатските модели укажуваа на дождови во овие предели, но се досега не беа најдени и геолошки докази кои го поддржуваат ова, па затоа дел од научниците сметаа дека Марс никогаш и не била топла и влажна планета, туку дека била прекриена со мраз и глечери.
Уште од 70-те, научниците наоѓаа долини и канали на површината на Црвената планета, кои наликуваат на формациите кои претрпеле ерозија од дождови овде на Земјата. Сега, со помош на анализа на снимките направени со МРО на НАСА научниците успеаа да откријат слични вакви појави и во пределот на Арабија Тера.
Новото истражување искористило снимки со неспоредливо повисока резолуција од претходните, од површина со големина колку онаа на Бразил. Откриените канали се слични на останатите кои се откриени низ Марс, а и Земјата. На Земјата вакви канали обично може да се забележат низ сувите, пусти места како низ Оман, Египет, Јута. Се смета дека каналите во Арабија Тера се околу 30 метри високи и 1-2 километри широки, што значи дека се остатоци од огромни реки кои течеле пред милијарди години. Во одреден период од минатото овој регион бил целосно поплавен и претставувал еден вид граница помеѓу високите и ниските места на Марс. Реките биле активни пред 3.9–3.7 милијарди години, но полека се сушеле и можно е во нив да се зачувани докази од некои биолошки остатоци, доколку тие воопшто постоеле.
Во овој регион на Марс најверојатно ќе слета и ЕгзоМарс, роверот кој ќе го испрати Европската Вселенска агенција (ESA) во 2020 година.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys