Планетите на Сончевиот систем, вклучувајќи ги и џуџестите планети, во своите орбити имаат над 180 природни сателити. Јупитер има најмногу – 67 сателити, а потоа следи Сатурн, со 62. Веста дека една од тие планети ќе остане со помал број од своите месечини и не треба да биде особено важна. Но, за жал, станува збор за Марс, кој ќе остане со помал број на природни сателити.
Фобос е мал, со неправилна форма, со дијаметар од 11 километри, и кружи околу Марс на висина од само 6.000 км. Тоа го прави најблизок со површината од својот матичен свет, од сите други сателити во системот.
Токму поради големата брзина, тој кружи околу планетата многу побрзо отколку што кружи околу сопствената оска – Фобос прави револуција околу Марс за само 7 часа и 39 минути, додека овој прави револуција околу својата оска за нешто повеќе од 24 часа. Притоа, Фобос полека се приближува до Марс, два метри на секои сто години, што значи дека на крајот ќе се уништи.
Станува збор за нова теорија, која е претставена на неодамна одржаниот состанок на Американското астрономско друштво: според моделите на американските астрономи, Фобос не е цврсто тело, туку, всушност е збир од камења, кое на своето место го држи само тенка кора. Ова со текот на годините ќе попушти под влијанието на гравитацијата на Марс за околу 30 до 50 милиони години, така што од поранешната месечина ќе остане само тенок прстен околу планетата.
Фобос неколку пати беше предмет на истражување, со што најдалеку отиде Советскиот Сојуз, односно Русија: во 1988 г. кон него се лансирани две сонди, кои требале да слетаат на неговата површина. Двете, за жал, престанале да комуницираат со Земјата пред да дојдат до својата цел.
Во 2011 г. следеше Фобос – Грунт, но, поради дефект, тој не отиде подалеку од Земјината орбита. Следна можност за истражување на оваа месечина ќе се укаже во 2022 г. кога Јапонија планира да испрати сонда таму.
Превод: Петар Ивановски
Извор: Popular Science