Нема две планети кои се слични, и сите се доста чудни. Какви се тие чудни темни дамки во атмосферата на Венера? Дали е вообичаено планетите да имаат океани од магма со големина на една хемисфера? Може ли нешто да преживее на Проксима б откако нејзината локална ѕвезда изби колосален ѕвезден блесок?
Каде и да погледнеме, нешто егзотично се појавува. Како што изгледа, ВАСП-127б, егзопланета околу 332 светлосни години оддалечена од нас, не се разликува. Како што објавија од Space.com, атмосферата на овој гасовит џин кој е поголем од Јупитер за околу 40 проценти, но со маса помала за неверојатни 82 проценти, содржи неколку изразито “чудни работи”.
Меѓу овие работи се наоѓаат метали, вклучувајќи натриум, литиум и калиум, и потенцијално вода. Бидејќи ова е еден од најмалку густите светови некогаш откриен, идентификацијата на овие прекрасни траги од алкални метали само додава уште една енигма на врвот на веќе значителен куп на загатки.
Користејќи го Големиот Канарински Телескоп, меѓународен тим од Универзитетот на Кембриџ и Институтот за Астрофизика на Канарските Острови, добро го проучиле ВАСП-127Б, кој не може да се спореди со било кој друг досега откриен свет.
Опишан е како „многу надуен“, и орбитира околу неверојатно светла ѕвезда еднаш на секои 4,17 дена. Оваа близина значи дека неговата површинска температура е приближно иста како и лавата што излегува од Килауеа токму сега.
Значи, да, овој свет е бизарен, врз основа на она што го знаеме за егзопланетите: екстремно жежок, супер гасовит, чудно светол балон од планета. Сега, според трудот на тимот објавен во Астрономијата и астрофизика, исто такa има и многу метали во своето небо.
Сепак, најинтересен дел од откритието е литиумот. И ѕвездата, ВАСП-127, и самата егзопланета се чудно богати со овој метал. Ова сугерира дека облакот од материјал што го формирал овој едно-планетен-систем исто така бил богат со литиум, но од каде дошол?
Превод: Бојана Стефаноска
Извор: IFLScience