Древна ѕвезда ги зголемува изгледите за интелигентен живот

0
Древна ѕвезда ги зголемува изгледите за интелигентен живот

Уметничка концепција на Кеплер-444 и нејзините пет планети. Заслуга: Питер Девин и Тиаго Кампанте / Универзитетот од Бирмингем

Дали животот може да опстане милијарди години подолго отколку очекуваниот животен век на Земјата? Како што научниците откриваат постари и постари ѕвездени системи, веројатно е дека скоро ќе откриеме древна планета во зона погодна за живот. Доколку дознаеме дека е возможен живот на оваа егзопланета, тоа би имало огромно влијание за можноста за постоењето и развојот на древниот живот, вели еден истражувач.

Во јануари, група предводена од Тиаго Кампанте – истражувач во областа на астросеизмологија на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија – објави откритие на пет мали, веројатно карпести светови блиску до древна ѕвезда. Ѕвездата е именувана Кеплер-444 според мисијата за потрага по планети Кеплер на НАСА.

Придонесот на Кампанте е стеснување на одредената старост на Кеплер-444 и нејзините планети до неверојатни 11.2 милијарди години старост. Тоа е приближно 2.5 пати повеќе од староста на нашиот Сончев систем. Ниедна од планетите на Кеплер-444 не се смета за погодна за живот, бидејќи тие кружат околу ѕвездата на екстремно мала оддалеченост. Но, Кампанте вели дека пронаоѓањето на овие планети е огромен чекор напред во потрагата по постари светови погодни за живот и најдоброто можеби допрва треба да дојде.

„Овие системи ни даваат надеж дека постојат други светови погодни за живот кои што не можеме да ги детектираме бидејќи сè уште немаме доволен временски период на набљудување,“ вели Кампанте.

Престојните опсерватории може да го променат ова, додава тој. Но дали животот може да опстои милијарди години е само чиста шпекулација.

„Доколку интелигентен живот се развие во систем стар како овој, дали тој сè уште би постоел или би се самоуништил?“ прашува Кампанте.

Уметнички приказ на нашиот Сончев систем (несразмерно).

Изненадувачки состав

Ѕвездата има дефицит на железо, но е богата со таканаречени „алфа елементи“, како силициум, јаглерод, азот и кислород. Сите овие елементи биле формирани во првите ѕвездени експлозии во нашиот Универзум, кога на старите ѕвезди им снемувало гориво за согорување и ги ширеле овие елементи на далеку. Овие елементи се составен дел и на планетите кои орбитираат околу ѕвездата, што е малку изненадувачки.

Обично, научниците очекуваат дека таканаречените „земјолики“ планети – карпестите планети како Меркур, Венера или Земјата – да имаат големи количества на железо во нивната внатрешност. Ова откритие покажува дека е возможно да се создадат планети кои се примарно составени од алфа елементи. Ова значи дека постојат повеќе начини да се формираат карпести планети, што ги прави почести низ Универзумот.

Системот на Кеплер-444 не е многу сличен на нашиот. Кеплер-444 е малку помала од нашето Сонце, и нејзините планети орбитираат екстремно блиску до ѕвездата. Зоната погодна за живот во овој систем е околу 0.4 астрономски единици (0.4 од просечното растојание помеѓу Земјата и нашето Сонце). Сепак, најблиската планета е „стисната“ на само 0.08 астрономски единици. Ова е околу 5 пати поблиску отколку што е Меркур до нашето Сонце.

Научниците научиле повеќе за староста и природата на ѕвездениот систем со набљудување на пулсовите во матичната ѕвезда. Заслуга: НАСА

Проширување на потрагата

Постојат неколку познати ѕвездени системи што се стари колку оној на Кеплер-444. Една огромна гасовита џиновска планета, неформално позната како Метузалем е откриена на почетокот на 21 век. Кога откритието беше објавено во 2003 година, астрономите велеа дека планетата е приближно 12.7 милијарди години стара, повеќе од двојно постара од нашата Земја.

Минатата година, астрономите изјавија дека пронашле 2 планети кои орбитираат околу ѕвезда стара 11.5 милијарди години, наречена Каптејнова ѕвезда (Kapteyn’s Star), според холандски астроном. Двете, Каптејн b и c, се веројатно со големина помеѓу супер-Земји и мини-Нептуни, вели Кампанте.

Пронајден е и друг древен ѕвезден систем, околу Кеплер 10, кој е стар околу 10.6 милијарди години, но двете пронајдени планети се сметаат како непогодни за живот. Во времето на нивното пронаоѓање во 2011, истражувачите ги опишале планетите како „врел карпест свет и цврста планета со маса на Нептун“.

Потребни се помоќни опсерватории за пронаоѓање на Земјолики светови, вели Кампанте, но за среќа две такви се веќе во подготовка. НАСА планира да го лансира TESS (Transiting Exoplanet Survey Satellite) во 2017, а Европската вселенска агенција (ESA) ќе го испрати PLATO (PLAnetary Transits and Oscillations of Stars) во 2024. Кампанте е инволвиран во планирањето на PLATO.

Како Кеплер, PLATO ќе бара Земјолики светови околу ѕвезди слични на Сонцето, но ќе има пошироко поле на набљудување и поосетлив приемник. Овие карактеристики потенцијално ќе детектираат повеќе светови. Меѓувремено, TESS ќе се фокусира на ѕвезди поблиски до Земјата, кои се полесни за следење со земски опсерватории.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.