Научниците се прилично сигурни дека на Марс некогаш имало многу вода, поточно голем океан на северната хемисфера. Сепак, поради недостаток на некој забележлив доказ за постоење на така голема водена површина на Марс (најчесто под доказ се мисли на крајбрежје), долго време немаше потврда за оваа теорија.
Можеби дилемите ќе ги реши една многу интересна нова студија објавена во Nature Scientific Reports од тимот на Алексис Родригез (Alexis Rodriguez) при Планетарниот научен институт во Аризона. Во неа може да се види едноставно решение за проблемот. Најдени се докази за две мега-цунамија кои се случиле одамна и го избришале секој знак за постоење на крајбрежје. Наносите од цунами се расфрлани во близина на специфични издигнувања на брегот, кои одговараат на крајбрежје на океан.
Причината за овие цунамија се веројатно два астероиди кои паднале на Марс со временска разлика од неколку милиони години. Доказ е постоењето на кратери на дното од претпоставениот океан со дијаметар од околу 30 километри (18 милји). И двата предизвикале цунами со висина од 120 метри (400 стапки). Секој бран кој досегнал до брегот направил специфични релјефи долги по 250 километри (155 милји).
Првото цунами ги распрснало крајбрежните камења и другиот материјал далеку од оригиналната брегова линија. До времето на второто цунами, брзите климатски промени на Марс веќе го имале претворено најголемиот дел од водата во мраз, така што бранот од второто цунами разнело во околината смеса од мраз и вода. Идните мисии на Марс може да се насочат кон овие материјали, посебно имајќи предвид дека последните можат да содржат молекули од древниот океан на Марс. Ако тие навистина зачувале материјал од тоа време, тоа ќе биде извонредно привлечна идеја за истражување посебно за оние кои размислуваат за патување на Црвената планета. Алексис Родригез веќе најави дека терените ќе бидат испитани и ќе се направи проценка за идни роботски или човечки истражувачки мисии.
Доказите за овие древни цунамија доаѓаат од обичните и термалните слики на две подрачја на северот на планетата – околината на Chryse и северо-западна Arabia Terra. Тие ја овозможија потврдата за постоењето на крајбрежје на Марс пред околу 3,4 милијарди години (реконструкција на сликата подолу).
Уште поинтересно е дека научниците не веруваат дека овие два настани се единствените кои влијаеле на менувањето на крајбрежјето на древниот океан на Марс (кој исчезнал во исто време со атмосферата на Марс). Мега-цунамија од други удари и лизгања на земјиштето од земјотреси на црвената планета можеби имале значајна улога.
Веројатно највозбудлива од сите е мислата дека овие региони се одлична подлога за потрага по некогашен живот на Марс. Доказите можеби лежат замрзнати во некој од ледените парчиња – остатоци од древниот океан.
Сегашните правила за планетарни истражувања забрануваат истражувања со вселенско летало поради ризикот од контаминација, но можно е во иднина да има повеќе слобода во тој поглед, посебно доколку се најдат нови докази за оваа теорија.
Превод: Милан Велков
Извор: IFL Science