Диск од прашина и гас во внатрешноста на бинарен систем

0
Диск од прашина и гас во внатрешноста на бинарен систем

Уметнички приказ на прашина и гас околу бинарниот систем GG Tauri-A. Со користење на ALMA астрономите открија гас во пределот помеѓу двата диска на овој бинарен систем. Планетите би можеле да се формираат во оваа гравитациски активна област. Половина од ѕвездите од типот на нашето Сонце се раѓаат во бинарни системи, што значи дека овие откритија ќе бидат од клучно значење за потрагата по егзопланети. Извор: ESO/L. Calçada.

Научниците за првпат детектираа гас и прашина во внатрешноста на еден бинарен систем од ѕвезди, со што се откри дека и една од ѕвездите е двојна. Ова откритие е направено со помош на Atacama Large Millimeter/submillimeter Array (ALMA) и укажува на можностите за формирање на планети во областа помеѓу двете ѕвезди.

Станува збор за бинарниот систем GG Tau-A, стар само неколку милиони години и лежи на околу 460 светлински години од нас, во соѕвездието Бик.

Како тркало во тркало, овој систем е обиколен од надворешен и внатрешен диск. Внатрешниот диск се наоѓа околу централната ѕвезда и има маса слична на дискот на Јупитер. Присуството на овој диск претставува мистерија за астрономите, бидејќи според брзината со која ја губи материјата кон ѕвездата би требало да биде исчезнат веќе многу одамна.

Во текот на овие набљудувањата со ALMA тимот го направи и новото откритие на присуство на гас помеѓу двата диска. Новите опсервации откриваат дека материјата од надворешниот диск се префрла кон внатрешниот. Ваквите појави биле предвидени со компјутерски симулации, но никогаш досега не биле директно набљудувани.

Првата фаза во потрагата по егзопланети беше насочена кон самостојните ѕвезди, како нашето Сонце. Но, неодамна беше посочено дека околу бинарните системи орбитираат џиновски планети. Сега, истражувачите почнаа да ја разгледуваат и можноста за планети околу секоја ѕвезда која е дел од повеќечлен ѕвезден систем. Ова значи дека и покрај комплицираните услови, сепак, во овие системи успеваат да се формираат планети.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys.org

Сподели.