На 20 март оваа година ќе се случи еден интересен астрономски настан – затемнување на Сонцето. За жал, од кај нас нема да се гледа тотално затемнување – таа привилегија ќе ја имаат само жителите и посетителите на Фарските острови и на островите Свалбард на крајниот север на нашата планета. Цел остаток од тоталитетот ќе поминува низ Атлантскиот и Северниот Леден Океан. Малкуте места, каде што поминува тоталитетот на копно, не го прават ова затемнување толку интересно за светската астрономска јавност, а дополнителен фактор за ова претставува релативната недостапност на локациите.
Од кај нас, а и од цела континентална Европа ќе можеме да видиме делумно затемнување на Сонцето. Колку сте понасевер во Европа толку повеќе од дискот на Сонцето ќе биде затемнет од Месечината. Од Скопје околу 43.5 проценти од дискот на Сонцето ќе бидат затемнети за време на максимумот од затемнувањето во 10:45 минути на 20 март.
Затемнувањето за Скопје започнува во 9:37:56, максимумот ќе биде во 10:45:10, а завршува во 11:56:34. Членовите на нашето друштво ќе бидат поставени на градскиот плоштад во Скопје и ќе се потрудат да Ви го доловат овој несекојдневен настан. Ќе бидеме поставени со телескопите уште пред 9:30 часот па во текот на следните повеќе од 2 и пол часа ќе го следиме затемнувањето. Сите заинтересирани ќе можат да дојдат и да го погледнат овој настан преку телескопите на нашето друштво.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Немојте да гледате директно во Сонцето или пак да гледате кон него со било какви оптички помагала без соодветна заштита зошто може да дојде до губење на видот. Нашето друштво и опремата што ја имаме располага со специјални сончеви филтри кои значително ја намалуваат светлината која доаѓа од Сонцето, па затоа безбедно може да набљудуваме. Најбезбеден начин да го погледнете затемнувањето е со користење на заштитни маски за заварување со над 13-ка заштитен фактор.
Се гледаме во петок (20 март), после 9:30 часот на градскиот плоштад во Скопје да го проследиме делумното затемнување на Сонцето. Следно делумно затемнување кое ќе може да се види од кај нас ќе биде дури на 21 јуни 2020 година, кога само околу 15-тина проценти од Сонцето ќе бидат затемнети.