Во последниве години сè повеќе се зборува за можноста човекот да се осмели на историски чекор како што е колонизирање на една планета. Прв кандидат е нашиот најблизок сосед – Марс, а евентуална преселба на луѓе секако ќе вклучи и носење на микроорганизми, растенија па можеби дури и животни.
Но, како ?
Агенцијата DARPA (Defence Advanced Research Projects Agency) веќе предложи начин за создавање атмосфера која би поддржувала живот на Марс. Секако дека растенијата, микроорганизмите и другите суштества кои ќе го колонизираат Марс нема да бидат едноставно исфрлени на површината на Црвената планета. Според планот, првите суштества кои ќе ја населат ќе бидат фотосинтетски бактерии и растенија.
Можноста за тераформирање на Марс, при што од планета негостољубива за живот ќе го претвори во планета како Земјата, е сепак многу мала. Но, за првпат, агенцијата јасно и гласно кажува дека сега постои технологија за трансформирање на места надвор од Земјата, во средини во кои може да опстои живот. Тоа парче технологија за кое толку се зборува е всушност нешто како „Google Maps за геноми“. Со него само за еден ден може да се најде каде најдобро може да се развиваат организми.
Идните цели вклучуваат искоренување на векторските заразни болести, создавање генетски модифицирани организми кои опстојуваат во секакви средини и тн.
Тераформирањето на Марс ќе биде тешко, имајќи предвид дека тоа би опфатило одгледување растенија на Земјата, пренесување на Марс и нивно одгледување таму. И сето тоа треба да се прави во контролирана средина за да Марс не се претвори во, да речеме, планета полна со Ебола или некоја друга болест која сосема би ја уништила оваа идеја. Сепак, како идеја, таа останува многу примамлива како за научниците, така и за обичниот човек.
Извор: IFL Science
Превод: Милан Велков