Дали животот на Земјата започнал предвремено?

0
Дали животот на Земјата започнал предвремено?

Уметнички приказ на црвено џуџе околу кое орбитира пар на планети поволни за живот. Со оглед на тоа што црвените џуџиња имаат долг животен век, веројатноста за живот се зголемува со тек на времето. Па така, животот овде на Земјата може да се смета за релативно преран или предвремен. Заслуги: Christine Pulliam (CfA)

Универзумот е стар 13.8 милијарди години, додека пак нашата планета се формирала пред околу 4.5 милијарди години. Дел од научниците сметаат дека животот на другите планети би можел да биде милијарди години постар од овдешниот. Но, постојат и нови теории кои укажуваат дека гледано релативно, во космичка перспектива, животот на Земјата можеби се случил и развил предвремено.

Првите шанси за живот се јавиле 30 милиони години по Големиот Прскот, кога првите ѕвезди ги разнеле низ космосот неопходните елементи како кислород и јаглерод. Животот ќе заврши по 10 трилиони години, кога е предвидена смртта и згаснувањето на последните ѕвезди во Универзумот. Главен фактор во проценката за развивање на животот на некоја од планетите е долготрајноста на ѕвездата домаќин, која пак директно зависи од нејзината маса. Така, на пример, системите на ѕвезди со маса три пати поголема од Сончевата немаат предиспозиции за развивање на живот, бидејќи ѕвездата ќе експлодира уште пред животот да добие било каква шанса. Спротивно на ова, помалите ѕвезди кои имаат маса помала од 10 проценти од Сончевата ќе останат да светат десетици трилиони години, давајќи му на животот повеќе време да се развие. Како резултат на ова, се претпоставува дека веројатноста за живот ќе се зголемува со тек на времето. Па така, научниците предвидуваат дека шансите за живот ќе бидат илјада пати поголеми во далечната иднина во споредба со сегашните.

Тогаш, би требало да се запрашаме зошто и како ние не сме во иднината, околу некоја ѕвезда со мала маса? Тука доаѓа на сила теоријата дека животот на Земјата се случил прерано, или пак дека условите околу ѕвездите со мала маса можеби се екстремно неповолни. Иако нивните животни векови се особено долги, сепак пропратени се со бројни закани, како на пример огромното количество на УВ зраци кое го испуштаат при почетоците. Ова би можело лесно да ги уништи сите атмосфери на планетите од системот, вклучувајќи ги и оние карпестите кои се наоѓаат во зоните поволни за живот.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.