Иако имаме доста добра претстава дека нашата галаксија содржи супермасивна црна дупка во своето јадро, можеби постои различно објаснување, кое е добиено како резултат на набљудувањата на Сагитариус А. Можеби она што се наоѓа во центарот на нашата галаксија е црвја дупка.
Оваа, засега само теоретска претпоставка, ја разгледуваат двајцата истражувачи од Шангај, Зилонг Ли и Косимо Бамби. Тие забележале трага од специфично зрачење околу хипотетизираната црвја дупка. Трагата потенцијално би можела да биде забележана од нов софистициран инструмент, кој наскоро ќе биде инсталиран на еден од најголемите и најмоќни телескопи.
Сагитариус А е регион во јадрото на Млечнот пат кој создава моќни радио бранови и астрономите одамна претпоставувале дека тоа е локацијата на црна дупка која има маса од 4 милиони Сонца. Сепак, дури кога астрономите успеле да ги забележат движењата на ѕвездите близу претпоставениот хоризонт на настани, присуството на црна дупка било потврдено.
Иако ги имаме забележано сигналите од црни дупки во јадрата на повеќето од откриените галаксии, црните дупки сè уште претставуваат загатка за астрономите. Дури кога гледаме кон огромни далечини кај најмладите галаксии, забележуваме присуство на црни дупки.
За една црна дупка да собере толкава маса, логично е дека имало потреба од долг временски период со цел да се натрупа оваа маса преку „јадење“ на меѓуѕвезден гас, ѕвезди и други галактички материи. Со цел да се објаснат супермасивните црни дупки кај најмладите галаксии, мора да постои одреден механизам на забрзан пораст кој засега е непознат.
Објаснувањето за набљудувањата на Сагитариус и други јадра на галаксии, Ли и Бамби го бараат кај првобитната последица од Ајнштајновата општа релативност преку која би се заобиколила загатката за забрзаниот пораст на супермасивните црни дупки.
„Иако се егзотични по природа, барем одреден вид на првобитни црвји дупки може да претставуваат кандидати за објаснување на супермасивните црвни дупи кај галаксиите “, велат Ли и Бамби. „Овие објекти немаат цврста површина, па затоа тие би можеле да имитираат присуство на хоризонт на настани. Тие би биле создадени за време на раниот Универзум, би пораснале за време на инфлацијата и би ги објасниле своите присуства дури и при големо црвено поместување.“
Галаксии со големо црвено поместување се најмладите галаксии кои можеме да ги набљудуваме; од каде што галактичката светлина патувала милијарда години, со фрекфенции кои се поместени до најцрвениот дел од електромагнетниот спектар.
Типот на цврја дупка која би можела да имитира црна дупка, би можела да биде создадена само за време на Големиот Прскот (The Big Bang), испуштајќи маса од околу милион пати поголема од онаа на Сонцето и притоа објаснувајќи зошто раните галаксии само наликуваат како да имаат супермасивни црни дупки во јадрата, но всушност тие да претставуваат огромни црвји дупки кои поврзуваат различни региони на простор и време.
Иако ова звучи како премногу надежна теоретска научна фантастика, Ли и Бамби идентификувале нов моќен инструмент кој би можел да биде искористен со цел да се распознаат емитувањата од плазмата која ја обвива црната дупка Сагитариус А, од хипотетизираната црвја дупка.
GRAVITY наскоро ќе биде инсталиран на Многу големиот телекоп на ESO (ESO’s Very Large Telescope – VLT) во Атакама, Чиле, и ќе биде користена за набљудување на галактичките центри со огромна прецизност. Истражувачите се надеваат да ги анализираат податоците од емитувањата од енергетизираните гасови (или плазма) кои можат да се најдат околу Сагитариус А. Доколку објектот е навистина црвја дупка, тогаш плазмата би генерирала спектар со многу различна трага заради тоа што хипотетизираната црвја дупка би била физички значително помала од супермасивната црна дупка.
Навистина е реткост да вакви егзотични теории имаат можност за толку брзо тестирање од страна на инструмент кој ќе биде инсталиран во период од 2 години и ќе биде возбудливо да се видат резултатите од емитираните зрачења од Сагитариус А и дали тие ќе укажуваат црна дупка или кон црвја дупка. Иако шансите за втората опција се мали, доколку излезат вистинити, многу скоро ќе имаме различна перспектива за нашата Вселена.
Извор: News Discovery
Превод: Бојан Андоновски