Понекогаш добиваме чудни сигнали од непознатото и потребен е поголем период да разбереме што тие значат. Во овој случај, научниците кои анализираат високо-енергетски гама зраци емитувани од центарот на галаксиите, пронашле необјаслив емитувачки извор за кој, некои независни научници, велат дека е “во согласност со одредени форми на темна материја.”
Податоците се добиени благодарение на Ферми Вселенскиот Телескоп од НАСА, наменет за Гама зрачења, и истите биле анализирани од страна на група самостојни научници. Тие согледале дека преостануваат необјасливи емисии од гама зрачења дури и по отстранувањето на сите познати извори на гама зраци. Научниците напоменуваат дека се потребни дополнителни опсервации за карактеризирањето на овие емисии.
Генерално гледано, научниците не се сигурни од што всушност е составена темната материја (која може да биде забележана само преку гравитациските ефекти со кои дејствува). Еден теоретски кандидат се таканаречените Weakly Interacting Massive Particles (WIMPs), кои може да произведат гама зрачења во граници кои не можат да бидат забележани од Ферми Телескопот.
Дополнително, локацијата на радијацијата која е во центарот на галаксијата е интересно место, со оглед на тоа што научниците веруваат дека токму таму би се наоѓала темната материја, бидејќи досега невидливата супстанца би била основа за вообичаени структури како што се галаксиите.
“Новите мапи ни овозможуваат да извршуваме анализа на отстапката како и да ги тестираме повеќе конвенционалните објаснувања, како што е присуството на неоткриени пулсари или колизија на космички зраци со гасовити облаци,” кажува Ден Хупер, астрофизичар во Ферми лабараторијата и автор на трудот.
“Сигналот кој го пронајдовме не може да биде објаснет со сегашно предложените алтернативи и прилично се совпаѓа со претпоставките на едноставните модели за темната материја”.
Научниците укажуваат дека WIMP честиците меѓусебно се уништуваат, нешто што би претставувало вистинско совпаѓање со сигнал од темна материја. Сепак, тие предупредуваат дека се возможни и други објаснувања за овој феномен.
“Темната материја во овој опсег на маса може да биде испитана преку директна детекција како и од LHC (Large Hadron Collider), па доколку ова навистина е темна материја, ние веќе учиме за нејзините интеракции преку недостатокот од нејзиното детектирање,” наведува ко-авторот Трејси Слејтер, теоретски физичар од институтот за Технологија во Масачусетс.
“Ова е навистина возбудлив сигнал и иако овој случај не е разрешен, во иднина можеби ќе се осврнеме кон овој момент и ќе велиме дека ова бил првиот пат како сме ја забележале темната материја.”
Извор: Universe Today
Превод: Бојан Андоновски