Нашиот Сончев Систем има само четири карпести планети. TRAPPIST-1, кој се наоѓа на 40 светлински години од нас, има седум, од кои три се наоѓаат во зоната погодна за живот. Откривањето на овие планети беше главна вест изминатава недела.
Но, како би изгледал животот во новооткриениот систем? Тој би можел целосно да се разликува од животот каков што го познаваме, доколку воопшто би можел да ги преживее интензивните радиозрачења од матичната ѕвезда. Засега знаеме многу малку за овој систем – ѕвездата е ултра-ладно црвено џуџе, а познати ни се и масите, радиусите и орбитите на скоро сите планети кои ја опкружуваат. Со овие скромни податоци, би можеле само да погодуваме.
Доколку постои живот во овој систем, погледот од површината на планетите би бил прекрасен. Набљудувана од иста точка од секоја планета, ѕвездата би изгледала како да е обоена розово. Бидејќи планетите орбитираат многу блиску една до друга, тие меѓусебно ќе се гледаат на небесниот свод, понекогаш појавувајќи се големи колку Месечината гледана од Земјата.
Од Земјата можеме да ги набљудуваме кратерите, планините и други релјефни структури на површината на Месечината дури и со голо око, но мораме да испратиме вселенско летало на повеќегодишна мисија за да можеме одблиску да ги набљудуваме површините на другите светови во Сончевиот Систем. Доколку постои напредна цивилизација на една од планетите во TRAPPIST-1, тие би можеле да ги проучуваат соседните планети директно од својата матична планета.
Три од планетите во системот, TRAPPIST 1e, f и g, можеби ги поседуваат неопходните услови за вода. Тие се наоѓаат во зоната погодна за живот, каде што температурите се оптимални за да има вода во течна состојба, а со тоа и можност за живот.
Суштинска информација која во моментов не им е позната на научнниците е тоа каква атмосфера имаат планетите за да се заштитат против УВ радијацијата од нивната ѕвезда. TRPPIST-1 е ѕвезда која е 200 пати побледа и 10 пати помала од нашето Сонце и таа ослободува силни бранови на енергија. Планетите орбитираат многу блиску до ѕвездата, што ги прави високо подложни на овие бранови.
„Главна пречка за постоење на живот во систем како овој, споредено со Земјата, е потенцијалната УВ радијација“ изјавил Џек О’Мали-Џејмс од Универзитетот Корнел во Њујорк.
Тој, заедно со Лиса Калтенегер, пред некое време објавил истражување во кое се разгледува ултравиолетовиот тек на секоја од планетите за да се откријат границите на можностите за живот во зависност од нивните атмосфери. Што е потенка атмосферата, толку штетната УВ радијација се пробива до површината и ги отежнува можностите за појава на живот. Веројатно од клучна важност е постоењето на озонска обвивка како кај Земјата.
Во претходно истражување на овие автори, била проучувана биолошката флуоресцентност како индикатор за постоење на живот на одредена планета. Доколку ја гледате Земјата оддалеку, можете да забележите многу зелена светлина рефлектирана од вегетацијата – истото ова би можело да биде така и за далечните светови со сопствен растителен свет.
„Доколку површината е многу неповолна во поглед на изложеност на УВ зрачење, можно е животот на ваква планета да развие биофлуоресцентност,“ вели Калтенегер. „Тоа би било нешто кое би можеле да го набљудувате со телескоп на површината, бидејќи кога планетата ќе добие уникатен одблесок, таа наеднаш би засветела во видливиот спектар и би постанала зелена, црвена, или слично. Би било многу интересно за набљудување.“
За да се види ваква појава, би ни бил потребен многу моќен телескоп. Вселенскиот телескоп Џејмс Веб ќе биде испратен на набљудување во октомври 2018-та година и тој ќе биде одличен за истражување на атмосферата на планетите во инфрацрвениот спектар, но нема да може да ги набљудува во видливиот спектар. Наместо тоа, веројатно ќе треба да го почекаме Европскиот Екстремно голем телескоп (E-ELT) во 2024-тата.
Видот на светлина која удира во овие планети може да прави тие да изгледаат сосема различно од Земјата. Бидејќи таа светлина во најголема мера е во инфрацрвениот спектар, со пониска енергија од онаа на видливата светлина, би било потребно растенијата да бидат темни за да впиваат што е можно повеќе светлина. Доколку на некоја од овие планети се одвива фотосинтеза, таа би била многу побавен процес од оној на Земјата, бидејќи растенијата би користеле нешто поинакви хемиски реакции.
Сличен процес на Земјата сретнуваме единствено во хидротермалните извори во длабоките мориња на Земјата, каде микробите се прилагодиле на инфрацрвеното зрачење од нивната топлина и имаат способност да изведуваат реакции слични на фотосинтезата. Така, знаеме дека, теоретски, постои можност за живот во вакви услови.
Знаеме и дека животот може да опстои и во услови на силна радијација. Експериментите на Меѓународната вселенска станица (ISS) покажуваат дека водните мечки (tardigrades) можат да преживеат во незаштитениот вакуум на Вселената, а слично би можело да се случува и во системот TRAPPIST-1.
„Животот може да биде насекаде,“ вели Калтенегер. „Сосема е отворено прашањето за тоа што животот може да направи и дали може да се развие во вакви услови.“
Што е следно? Телескопот Кеплер на НАСА ќе го набљудува системот TRAPPIST-1 до 4-ти март за дополнително да ги одреди орбитите и големините на планетите, а можеби и да открие уште планети; податоците ќе бидат достапни за јавноста два дена потоа.
Голем број други телескопи, вклучувајќи ги Хабл и Џејмс Веб, понатаму ќе бидат насочени кон овој фасцинантен систем. Во секој случај, најдоброто допрва следува!
Превод: Александра Бошкова, Марина Димовска
Извор: IFL Science