Необични црвени лаци на ледената месечина на Сатурн

0
Необични црвени лаци на ледената месечина на Сатурн

Необични црвеникави траги, во форма на лак, поминуваат по површината на ледената месечина на Сатурн, Тетида, на оваа слика во нагласени бои. Црвените траги се тесни, закривени линии на површината на месечината, широки само неколку километри, но со должина од неколку стотици километри. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Како графити нацртани од непознат уметник, необјаснети црвеникави траги, во форма на лак, се видливи на ледената Сатурнова месечина, Тетида (Tethys), на новите слики со зголемен контраст од леталото Касини (Cassini) на НАСА. Црвените лаци се тесни, закривени линии на површината на месечината, и се меѓу најнеобичните карактеристики на Сатурновите месечини забележани од камерите на Касини.

Сликите коишто биле направени со користење на проѕирни, зелени, инфрацрвени и ултравиолетови спектрални филтри биле комбинирани со цел да се постигне нагласена боја што ќе ги истакне малите разлики во боите на површината на ледената месечина на бранови должини кои не се видливи за човековото око.

Неколку од црвените лаци се бледо видливи во набљудувања направени порано од мисијата Касини, која е во орбита на Сатурн од 2004 година. Но, сликите во боја од ова набљудување, направени во април 2015, се првите кои покажуваат голем дел од северните области на Тетида, под погодни услови на осветлување, за јасно да се видат лаците. Како што Сатурновиот систем се помести во последните неколку години, така што е лето на северната хемисфера, северните географски широчини станаа добро осветлени. Како резултат на ова, лаците за првпат станаа јасно видливи.

Необични црвени лаци на ледената месечина на Сатурн

Оваа слика со зголемен контраст од Сатурновата ледена месечина, Тетида, покажува бројни карактеристики на задната хемисфера на месечината. Тетида е плимски врзана со Сатурн, така што задната хемисфера е страната од месечината што е секогаш свртена на обратната страна од насоката на движење при орбитирање околу планетата. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Необични црвени лаци на ледената месечина на Сатурн

Оваа слика во нагласена боја од Тетида, покажува област малку појугозападно во однос на областа на сликата направена неколку часови порано. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Настанокот на овие карактеристики и нивната црвеникава боја се мистерија за научниците позади мисијата Касини. Дел од можностите вклучуваат идеи дека црвеникавиот материјал е изложен мраз со хемиски нечистотии, или пак е резултат на испуштен гас од внатрешноста на Тетида. Тие исто така може да се поврзани со карактеристики како пукнатини кои се надвор од видливоста на достапните слики.

„Црвените лаци мора да се геолошки млади бидејќи пресекуваат одредени постари карактеристики како кратери, но не ја знаеме нивната старост во години.“ вели Пол Хелфенштајн, научник на Универзитетот Корнел во Итака, Њујорк, кој помагал во планирањето на набљудувањата. „Ако трагите се само тенки, обоени шари на леденото тло, може да бидат избришани во релативно краток период од изложеноста на средината на површината на Тетида.“

Тимот на Касини моментално планира идни набљудувања на карактеристиките, со поголема резолуција, кои ќе бидат изведени до крајот на оваа година.

Превод: Биљана Велинова

Извор: NASA

Сподели.