Близнак на Јупитер орбитира околу ѕвезда близначка на Сонцето

0
Близнак на Јупитер орбитира околу ѕвезда близначка на Сонцето

Уметнички приказ на новооткриениот близнак на Јупитер кој орбитира околу ѕвезда близначка на Сонцето, наречена HIP 11915. Планетата има многу слична маса со Јупитеровата и орбитира на далечина иста како онаа на Јупитер од Сонцето. Ова, заедно со сличноста на ѕвездата HIP 11915 и Сонцето укажува дека станува збор за системи со заеднички карактеристики и дека во системот на HIP 11915 можеби се наоѓаат внатрешни, карпести планети. Извор: ESO/M. Kornmesser.

Астрономите открија планета речиси идентична на Јупитер, која орбитира околу ѕвезда близначка на Сонцето на иста оддалеченост како и Јупитер. Создавањето на џиновските масивни планети како Јупитер игра огромна улога во понатамошното оформување и состав на планетарните системи. Постоењето на планета како Јупитер околу ѕвезда како Сонцето на иста оддалеченост укажува на можноста за пронаоѓање на уште повеќе слични или идентични карактеристики на овие два системи, вклучувајќи и карпести планети во внатрешните слоеви на системот.

Засега, фокусот на потрагата по егзопланети е кон оние системи кои имаат планети во внатрешните слоеви, чии маси достигнуваат до неколку пати повеќе од Земјината. Според најновите теории поставеноста на објектите во нашиот систем и поволноста за живот, значително се должи на присуството на Јупитер и неговото гравитациско влијание врз остатокот од системот во периодот на оформувањето. Затоа, се чини дека наоѓањето на систем со планета која има идентични карактеристики со Јупитер е огромен чекор кон потрагата за систем како нашиот.

Ова отркритие беше направено со HARPS, еден од најпрецизните инструменти за потрага по планети во светот, кој е дел од ESO 3.6-метарскиот телескоп на опсерваторијата Ла Сија (La Silla) во Чиле. Досега, биле откриени повеќе системи со планети слични на Јупитер, но во овој случај станува збор за најидентичен примерок на Јупитер заедно со Сонцето.

Ѕвездата HIP 11915 нема само слична маса на Сонцето, туку и сличен состав и возраст. Ќе следуваат понатамошни истражувања за да утврди и дополнителната сличност на овој планетарен систем со нашиот.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.