Блиски набљудувања на прстените на Сатурн покажуваат интересни детали

0
Блиски набљудувања на прстените на Сатурн покажуваат интересни детали

Оваа фотографија од Касини покажува густ бран во Сатурновиот прстен А (лево) кој лежи на околу 134.500 километри од Сатурн. Густите облаци се акумулирани честички на одредена оддалеченост од планетата. Овој прстен е исполнет со грутчести пертурбации кои научниците неформално ги нарекуваат „сламка“. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Новите снимки покажуваат извонредна блискост со која леталото Касини на НАСА, сега во неговата фаза на „ring-grazing“ (во слободен превод фаза на „лесен допир на прстените“), ги набљудува блескавите прстени на Сатурн составени од смрзнати делчиња.

Овие снимки се направени најблиску до надворешните делови од главните прстени, обезбедувајќи им ја на научниците посакуваната можност за набљудување на карактеристики на кои им дале имиња како „сламки“ и „пропелери“. Иако Касини и порано во својата мисија ги забележа овие карактеристики, моменталната, посебна орбита на леталото овозможува истите тие карактеристики да се набљудуваат подетално. Новите фотографии откриваат детали од 0.3 милји (550 метри), што е споредливо со највисоките згради на Земјата.

Касини е на половина пат од неговата претпоследна мисија – дваесет орбити кои поминуваат до надворешниот раб од главниот систем на прстени. Овие „ring-grazing“ орбити започнаа минатиот ноември и ќе траат до крајот на април кога Касини ќе го започне своето завршување. Низ 22-те конечни орбитирања Касини повеќекратно ќе се нурне во просторот помеѓу прстените на Сатурн. Првото финално нурнување е закажано за 26-ти април.

Засега, ова летало секоја недела го снима надворешниот раб на прстените и ги прибавува своите најдобри снимки од нив и од месечините. Касини веќе ги има испратено назад на Земјата досега најблиску направените фотографии на малите месечини Дафне и Пандора.

Блиски набљудувања на прстените на Сатурн покажуваат интересни детали

На оваа фотографија, направена од леталото Касини, прикажан е регионот од прстенот А на Сатурн. Нивото на прецизност во деталите е два пати поголемо споредено со претходните набљудувања. На фотографијата има многу мали, светли дамки настанати поради космичките зрачења и радијацијата од наелектризирани честички во близина на планетата. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Некои од структурите видени во скорешните слики од оваа мисија немале толку голема прецизност во деталите од прелетот на Касини до Сатурн во средината на 2004-та година. Во тоа време, фините детали како „сламки“ и „пропелери“ кои се настанати со згрутчување на честичките во прстените и малите месечинки, претходно не беа во можност да се видат. (Иако пропелерите беа присутни во фотографиите направени кога Касини пристигна, тие беа откриени во подоцнежните анализи, следната година).

Касини се доближи до прстените, но квалитетот на тие снимки (пр. 1, 2, 3) не беше доволно добар, каков што е во најновите фотографии. Овие неколку набљудувања беа насочени кон осветлените делови од прстените, па тимот одбра да ги направи фотографиите со кратка експозиција за да го намали замачкувањето поради брзото движење на Касини додека минува над прстените. Тоа резултирало во снимки кои биле подобри, но некако темни и бучни.

Спротивно, блисите снимки кои Касини ги долови во своето прелетување над прстените (и кои наскоро ќе ги направи во својата Голема финална фаза) се направени во двата правци (позадинско осветлување и од страна на Сонцето). Наместо со само еден краток премин, кој трае неколку часа, Касини прави десетина премини во текот на овие финални моменти.

Блиски набљудувања на прстените на Сатурн покажуваат интересни детали

Оваа снимка покажува регион од надворешниот дел на престенот В. Касини го забележа овој регион со два пати поголема прецизност од порано. И од овој агол, видливо е дека сè уште постојат детали коишто треба да се откријат. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

„Како човек кој ги испланирал тие првични снимки од прстените, кои постанаа наши најдетални видувања на истите во последните 13 години, изненаден сум колку мнгоу се детални во оваа нова колекција“ изјавил Каролин Порко, лидерот на тимот на Касини од Институтот Вселенска наука (Space Science) во Колорадо.

По скоро 13 години проучување на прстените на Сатурн од орбитата, тимот на Касини има појасно, побогато разбирање за она што го гледаат, но тие сè уште очекуваат нови изненадувања.

„Овие блиски набљудувања претставуваат отварање на сосема нов прозорец кон прстените на Сатурн и во наредните неколку месеци, како што ги подесуваме нашите камери кон нови делови од прстените, поблиску до планетата, очекуваме уште повозбудливи податоци“ изјавил Метју Тискарино, научник од Касини кој ги проучува прстените на Сатурн во Институтот СЕТИ во Калифорнија.

Лансиран во 1997 година, Касини изведува тура во системот на Сатурн од неговото пристигнување во 2004 година, со што одблиску се проучува оваа планета, нејзините прстени и месечини и нејзината огромна магнетосфера. Касини направи драматични откритија, вбројувајќи го глобалниот океан со индикации за хидротермална активност внатре во месечината Енцелад и течните мориња од метан на месечината Титан.

Блиски набљудувања на прстените на Сатурн покажуваат интересни детали

Оваа фотографија покажува регион од прстенот Б на Сатурн. Касини го долови овој регион со двојно повеќе детали од снимките направени претходно. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Превод: Александра Бошкова

Извор: Phys

Сподели.