Атомски кислород е детектиран во атмосферата на Марс

0

Колку што знаеме, Земјата е единствената населена планета во Сончевиот Систем. Сепак, треба да го истражуваме животот на многу други места, а Марс дури и денес е планета која вреди да се истражува. Таа поседува солена, течна вода на својата површина и иако атмосферата е тенка и несоодветна за живот, сепак микроби би можеле да опстојат во честичките, заштитени од Сончевата радијација.

Со секое ново откритие на истражувачите, се зголемува веројатноста дека Марс е населива планета. Неодамнешните податоци од мисијата на NASA – MAVEN открија дека ретката атмосфера, одржувана од страна на магнетосферата била одвеана од страна на големи Сончеви бури. Новата мисија на NASA наречена SOFIA – Stratospheric Observatory for Infrared Astronomy, откри траги од атомски кислород кои сè уште опстојуваат во гасната обвивка која ја опкружува Црвената планета.

Според Памела Маркум (Pamela Marcum), научник од проектот SOFIA, екстремно тешко е да се измери количеството на атомски кислород во атмосферата на Марс. SOFIA, која е летечка опсерваторија прикачена за Boeing 747SP го набљудува инфрацрвениот дел од електромагнетниот спектар. Таа е дизајнирана да ги набљудува срцата на ѕвездите, формациите од облаци на планетарните маглини и атмосферите на планетите, како на блиските вселенски објекти така и на оние надвор од Сончевиот Систем.

 „За да ги набљудуваат далечите, инфрацрвени бранови должини, потребни за да се детектира атомски кислород, научниците мора да ја избегнат дебелата атмосфера на Земјата и да користат високо прецизни инструменти, како што е во случајов спектрометарот. SOFIA ги исполнува и двата предуслови,“ вели Маркум.

Атомски кислород е детектиран во атмосферата на Марс

График: Изобилието на атомски кислород во атмосферата на Марс меѓу 70 и 120 километри (44 до 75 милји). Заслуги: Rezac et al./Astronomy & Astrophysics

Летајќи помеѓу 11.3 и 13.7 km (37 000 и 45 000 стапки) над земјата, специјализираните детектори успеаа да го детектираат атомскиот кислород во мезосферата (горниот дел од атмосферата) на Марс. Овие податоци од SOFIA беа објавени во списанието Astronomy & Astrophysics.

Иако атомскиот кислород е многу различен од молекуларниот – кислород потребен за дишење (O2) кој го создаваат фотосинтетските бактерии и растенија како оние на Земјата, сепак ова откритие е далеку од неважно: тој е клучен елемент кој контролира неколку атмосферски процеси, вклучувајќи го трансферот на маса и енергија внатре и надвор од планетата, како и контрола на количеството на загубена топлина од јаглеродниот диоксид на Марс.

 Исто така, присуството на атомскиот кислород ја условува брзината со која атмосферата на Марс исчезнува во вселената. Разбирањето на атомскиот кислород како дел од Марсовата атмосфера ќе им помогне на истражувачите подобро да ја разберат причината поради која таа исчезнува во последните неколку милијарди години.

Всушност, истажувачите пронајдоа половина од количеството на атомски кислород кое очекуваа дека ќе го најдат, но тоа се припишува на природните варијации на Марсовата атмосфера. Сè уште не е познато потеклото на атомскиот кислород, но имајќи предвид дека тој е трет најзастапен елемент во Вселената, неговото откритие и не е толку големо изненадување.

Вреди да се посочи дека древната атмосфера на Марс веројатно поседувала многу повеќе кислород отколку денешната. Сепак дали овој кислород бил создаден по пат на хемиски реакции во атмосферата или пак од примитивен живот на површината, останува целосна енигма.

Превод: Дарија Велкова

Извор: IFL Science

Сподели.