Астрономите откриваат стрмоглаво вртење на халото на нашата галаксија

0

Астрономите од Универзитетот за литература, наука и уметности во Мичиген за првпат открија дека врелиот гас во халото на галаксијата Млечен Пат се врти во иста насока и со брзина споредлива со онаа на дискот на галаксијата кој ги содржи ѕвездите, планетите, гасот и прашината. Новото сознание расветлува како поединечните атоми се споиле во ѕвезди, планети, и галаксии како нашата, како и што носи иднината за овие галаксии.

„Ова е спротивно на очекувањата,“ вели еден од научниците во истражувањето. „Луѓето едноставно претпоставиле дека дискот на Млечниот Пат се врти, додека огромниот резервоар на врел гас е стационарен – но ова е погрешно. Овој резервоар на врел гас исто така ротира, само не толку брзо како дискот.“

Астрономите откриваат стрмоглаво вртење на халото на нашата галаксија

Нашата галаксија, Млечен Пат, и нејзините помали придружници се опколени со огромно хало од многу врел гас, кој е видлив само со вселенски телескопи кои набљудуваат во областа на X-зрачењето. Астрономите од Универзитетот од Мичиген открија дека ова масивно хало се врти во иста насока како и дискот на Млечниот Пат, и тоа со приближна брзина. Заслуга: NASA/CXC/M.Weiss/Ohio State/A Gupta et al.

Новото истражување финансирано од НАСА, кое користи архивски податоци добиени од телескопот на Европската Вселенска Агенција XMM-Newton, неодамна беше објавено во списанието „Astrophysical Journal“. Истражувањето се фокусира на врелото гасовито хало на нашата галаксија, кое е неколку пати поголемо од дискот на Млечниот Пат и е составено од јонизирана плазма. Бидејќи движењето произведува промена на брановата должина на светлината, истражувачите ги мереле таквите промени низ небото користејќи линии на многу врел кислород. Она што тие го пронајдоа е револуционерно: Промените на спектралните линии измерени од истражувачите покажуваат дека халото на галаксијата се врти во иста насока како и дискот и со слична брзина – 640.000 km/h за халото, наспроти 870.000 km/h за дискот.

„Ротацијата на врелото хало е неверојатна индикација за тоа како настанал Млечниот Пат,“ вели еден од истражувачите. „Тоа кажува дека оваа топла атмосфера е оригиналниот извор на голем дел од материјата во дискот.“

Научниците долго време размислуваа за тоа како речиси сите галаксии, вклучувајќи го и Млечниот Пат, се чини дека имаат недостаток на материја од очекуваното. Астрономите веруваат дека околу 80% од материјата во Универзумот е мистериозна темна материја која, засега, може да биде забележана само преку гравитациското влијание. Но дури и од останатите 20% „нормална“ материја голем дел недостасува во дискот на галаксиите. Неодамна, дел од овој „недостаток“ на материја бил откриен во халото. Истражувачите велат дека откривањето на насоката и брзината на вртењето на халото ќе помогне да дознаеме како материјата дошла таму, и степенот со кој би очекувале дека материјата ќе се смести во галаксијата.

Сега, кога знаеме за ротацијата, теоретичарите ќе почнат да го употребуваат овој факт за да дознаат како нашата галаксија, Млечен Пат, била формирана и потенцијално која е нејзината судбина. Ротацијата на ова врело хало ќе биде важна тема за идните рентгенски спектрографи.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.