Астрономите открија свет со маса како Нептун, а густина слична на Земјината

0
Астрономите открија свет со маса како Нептун, а густина слична на Земјината

Уметнички приказ на екстрасоларен планетарен систем. Извор: NASA

Меѓународен тим од научници објави откривање на планета со маса на Нептун, чија густина може да се спореди со Земјината. Според истражувањето новооткриениот вонземски свет со назнака EPIC212521166 b е засега најмасивната планета со ваков радиус која ја имаме откриено. При ова истражување биле анализирани податоци од продолжената мисија на Кеплер, К2. Ѕвездата околу која се барале планетите се наоѓа на 380 светлински години оддалеченост од нас. Станува збор за кафено џуџе старо 8 милијарди години, со маса нешто над 0.7 пати од Сончевата.
Ѕвездата била избрана како потенцијален кандидат околу кој орбитираат планети. За да го потврдат ова научниците направиле дополнителни опсервации со спектрографот HARPS, кој е дел од 3.6 метарскиот телескоп на опсерваторијата Ла Сија (La Silla) на Европската јужна опсерваторија (ESO), во Чиле.

Така била откриена EPIC212521166 b, која орбитира околу нејзината ѕвезда на секои 14 денови. Планетата има 18.3 Земјини маси и 2.6 пати од радиусот на Земјата, со што е најмасивната егзопланета со радиус сличен на оној на Нептун. Густината и достигнува 5.7 грамови на сантиметар кубен, па затоа се очекува големо карпесто јадро. Понатаму, научниците велат дека се очекува и присуство на вода. Овој примерок може да служи како поука за внимателно проценување на составот на планетите при преглед на соодносот на маса со радиус на далечните тела. Се претпоставува дека оваа планета ја достигнала таа густина по испарувањето на дискот од гас.

Научниците претпоставуваат дека недостатокот од водород во атмосферата би можел да биде објаснет со силни удари и други насилни настани. Системот би можел да е домаќин на повеќе егзопланети, но засега немаме докази за нивното постоење.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.