Нашиот сончев систем е еден мал, но за нас прекрасен познат дел од универзумот – успеавме да спуштиме вселенски летала на нашите соседни објекти. Но сеуште, далечните делови од него не се целосно познати. Сега веќе откривме 840 малечки светови во далечниот и тежок регион за истражување позади Нептун. Ова е најобемно откритие некогаш направено, зголемувајќи го бројот на далечни објекти со добро познати движења околу сонцето за 50%.
Овие малечки ледени светови се важни затоа што ни помагаат да ја разбереме историјата на нашиот сончев систем. Тие исто така можат да помогнат во идејата дека постои уште една планета во близина на нашиот сончев систем.
Нашиот планетарен систем не бил отсекогаш ваков каков што го знаеме денес. Кога сонцето ги имало своите зачетоци, тоа било опкружено со огромен диск од материјал. Средбите со малечките, растечки планети – вклучувајќи ги и некои од световите што сега се откриени – ги поместиле џиновските планети подалеку од сонцето сѐ додека не дошле до нивната сегашна локација. Растечките планети од друга страна отишле насекаде.
Планетарната миграција се случувала и во далечните системи околу други ѕвезди. За среќа, небесните тела во нашиот планетарен систем се прилично блиску, што воедно го прави единственото место каде што можеме да дознаеме како се случувала миграцијата.
Новите откритија беа дел од петгодишен проект наречен Истражување на потекло на надоверешниот Соларен Систем (Outer Solar System Origins Survey – OSSOS). Набљудувањата спроведени 2013-2017 година ја користеа камерата на еден од најголемите телескопи во светот на Маунакеа на Хаваи.
Со 840 пронајдоци на далечина помеѓу шест и 83 астрономски единици, истражувањето ни дава многу добар преглед на најразличните орбити што ги имаат овие транс-нептунски објекти.
Претходните истражувања беа неуспешни бидејќи штотуку откриените објекти брзо се губеа – кога се правеа само мал број истражувања, предвидениот пат на мала планета на небото е толку несигурен што еден телескоп не може повторно да ја забележи и се смета за изгубена. Ова се случува често кај објекти со многу накривена и издолжена орбита.
Новото истражување успешно ги следеше сите далечни откриени објекти. Многубројните слики направени од 840 објекти во текот на неколку години значат дека орбитата на секој од тие малечки светови може да биде прецизно детерминирана. Повеќе од 37 000 рачно направени пресметки за стотиците објекти прецизно го обележаа нивното движење на небото.
Беше создаден и симулатор што овозможува да се тестираат моделите на теоретичарите за тоа како сончевиот систем станал ваков каков што е денес споредувајќи ги со вистинските откритија.
Новите ледени и карпести објекти се поделени во две групи. Во едната група се оние кои се наоѓаат во Кајперовиот појас што се протега од 37 до 50 астрономски единици. Другата група ги содржи т.н. транс нептунски објекти во кои влегува и Плутон. Во Кајперовиот појас се пронајдени 436 мали светови, на оддалеченост меѓу 43 и 45 астрономски единици.
Беа пронајдени 313 транс-нептунски објекти и истражувањето за нив покажува дека тие се наоѓаат на далечина од неверојатни 130 астрономски единици. Меѓу овие откритија е и џуџестата планета 2015 РР245.
Најнеобични од откритијата се деветте мали светови со неверојатно далечни орбити, кои никогаш не доаѓаат поблиску до сонцето од орбитата на Нептун и ним им се потребни 20 000 години да направат круг околу нашето сонце. Нивната појава индицира постоење на стотици и илјадници транс-нептунски објекти со слични орбити.
Сеуште е нејасно како овие објекти се нашле на сегашното нивно место – некои се толку далеку што и кога ќе стигнат најблиску не се ни малку повлечени од гравитацијата на Нептун. Едно од објаснувањата за овој факт е постоењето на т.н. планета девет.
Историјата на нашиот сончев систем штотуку почнавме да ја дознаваме. Се надеваме дека овој нов сет откритија ќе ни помогнат во составувањето на целата приказна.
Превод: Христина Милошевска
Извор: IFLScience