Телескопот Кеплер умре после наоѓање илјадници светови

0

Оваа илустрација овозможена од NASA го прикажува Вселенскиот Телескоп Кеплер. До Октомври 2018, вселенското летало ловеше планети во вселената речиси една деценија. Заслуги: NASA преку AP

Само неколку месеци после својата 10-та годишнина, елитното вселенското летало на NASA што лови планети беше прогласено за мртво.
Одговорните ја објавија веста во вторникот.
Надминувајќи го својот очекуван животен век, деветгодишниот Кеплер работеше на резервите од гориво со месеци. Неговата способност да се насочува кон далечни ѕвезди и да идентификува можни вонземјански светови драматично се влоши уште од почетокот на Октомври, но сепак неговите последни набљудувања беа успешно превземени. Телескопот е сега тивок, бидејќи неговиот резервоар е празен.
„Кеплер ја отвори портата преку која човештвото ја истражува вселената,“ рече пензионираниот научник Вилијам Боруки од NASA, кој управуваше со првичниот научен тим.
Кеплер пронајде 2 681 планета надвор од нашиот соларен систем и уште повеќе потенцијални кандидати. Тој ни покажа карпести светови со големина како Земјата, кои можеби одржуваат живот. Тој исто така ни откри неверојатни супер Земји: планети поголеми од З емјата, но помали од Нептун.
Директорот за астрофизика Пол Херц од NASA процени дека некаде од две до дванаесетина од планетите што ги пронајде Кеплер се карпести, со големина како Земјата и се наоѓаат во така наречената Голдилокова зона. Но севкупниот попис на Кеплер прикажа дека од 20% до 50% од видливите ѕвезди на ноќното небо би можеле да имаат планети како нашата, кои се наоѓаат во зоната погодна за живот.
Минатата година, мисијата од 700 милиони долари откри соларен систем со осум планети, баш како нашиот.
„Тој го револуционираше нашето разбирање за планетите во вселената,“ изјави Херц. „Поради вселенскиот телескоп Кеплер и неговата научна мисија, сега знаеме дека планетите се многу почести во споредба со ѕвездите во нашата галаксија.“
Речиси изгубен во 2013 година поради дефект со опремата, Кеплер беше спасен од инженерите и продолжи да ѕирка низ вселената, густа со ѕвезди и галаксии, внимавајќи на падовите во осветленоста на ѕвездите, што би можело да укажува на планета која орбитира.
„Тоа беше исто како детектирање на мал инсект пред светло од автомобил оддалечен на 160 километри.“ рече Боруки.
Воскресената мисија, позната како K2, покрај сите егзопланети, откриени после лансирањето од Кејп Каневрал на 7-ми Март 2009 година, придонесе за потврдување на постоењето на дополнителни 350 егзопланети.
Вкупно, речиси 4 000 егзопланети пронајдени во последните две децении, од кои две третини се откриени благодарение на Кеплер.
Кеплер се фокусираше на ѕвезди кои се оддалечени илјадници светлосни години од нас и според NASA, статистички има најмалку една планета околу секоја ѕвезда во нашиот Млечен Пат.
Боруки, кој сонуваше за мисијата пред неколку децении, рече дека едно од неговите омилени откритија е Kepler22b, планета со вода која е поголема од Земјата и со температура која не е ниту претопла, ниту преладна, а би можела да укажува на живот.
Наследникот на Кеплер, лансиран во Април, Вселенското летало Тес на NASA, веќе ги насочува погледите кон ѕвездите блиску до нашиот дом. До сега има идентификувано неколку можни планети.
Научникот Пади Бојд кој работи на проектот Тес, за мисијата Кеплер вели дека е „зачудувачки успешна.“
Кеплер ни покажа дека „живееме во галаксија преполна со планети и дека ние сме спремни да го преземеме следниот чекор кон истражување на тие планети,“ вели таа.
Друго долготрајно вселенско летало кое е во потрага по чудни светови во нашиот соларен систем, во меѓувреме, исто така се ближи кон крајот на својот животен век.
11-годишното вселенско летало Зора на NASA, по долгото орбитирање околу астероидот Веста, како и џуџестата планета Церес, е речиси без гориво. Тоа продолжува да орбитира околу Церес, кој како и Веста, се наоѓа во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер.
неодамна, два од постарите телескопи на NASA се соочија со дефект во опремата, но сега веќе се обновени. 28-годишниот Вселенски Телескоп Хабл, по тринеделното исклучување, продолжи со своите набљудувања минатиот викенд. Системот за насочување на Чандра, 19-годишен телескоп за детекција на X-зраци, исто така наиде на краткотрајна неволја во Октомври. И двата случаи беа поврзани со жироскопите потребни за насочување на телескопите.
Херц вели дека сите проблеми со вселенските летала беа „целосно независни“ и настанаа во случајно краток временски период.
Оддалечен наоколу 150 милиони километри од Земјата, очекуваме Кеплер да остане во безбедна стабилна орбита околу Сонцето. Пред да се збогуваат за „добра ноќ,“ управувачите на летот ќе ги исклучат трансмитерите на вселенското летало.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: https://phys.org/news/2018-10-kepler-telescope-dead-thousands-worlds.html

Сподели.