Во потрагата за планетата X пронајден е нов објект екстремно оддалечен од Сончевиот Систем

0

Скот Шепард од институтот Карнеги во Вашингтон и неговите колеги Чед Трухило од Универзитетот во северна Аризона и Давид Толен од Универзитетот на Хаваи уште еднаш ги редефинираат границите на нашиот сончев систем. Тие откриле нов објект екстремно оддалечен од планетата Плутон, со орбита која го поддржува постоењето на уште подалечната Супер-Земја или поголема планета Х.

Орбитите на новата џуџеста планета 2015 ТГ387 и нејзините блиски објекти од внатрешниот Ортов Облак, 2012 ВП113 и Седна, споредени со планетите од сончевиот систем. 2015 ТГ 387 уште се нарекува и “Гоблинот” (The Goblin). 2015 ТГ387 има поголема полукружна оска од 2012 ВП113 и Седна, што значи дека се движи многу подалеку од Сонцето и неговите најоддалечени точки во орбитата се 2 300 астрономски единици. Приказ од Роберто Молар Кандоса и Скот Шепард, Карнеги институт за науки.

2015 ТГ387 е откриен на околу 80 астрономски единици од Сонцето, мерка дефинирана како растојание помеѓу Сонцето и Земјата. За споредба, планетата Плутон е оддалечена 34 астрономски единици, па 2015 ТГ387 е два и пол пати подалеку од Сонцето отколку што е Плутон.

Новиот објект има многу издолжена орбита и никогаш не доаѓа до Сонцето поблиску од 65 астрономски единици, точка наречена перихел. Единствено 2012 ВП113 и Седна на 80 и 76 астрономски единици имаат подалечен перихел од 2015 ТГ387. Иако 2015 ТГ387 го има третиот најдалечен перихел, неговата орбитална полукружна оска е поголема од онаа на 2012 ВП113 и Седна, што значи дека тој објект патува многу подалеку од Сонцето отколку тие. Неговата најоддалечена точка при движење се наоѓа на околу 2 300 астрономски единици. 2015 ТГ387 е еден од малкуте објекти што никогаш не доаѓа доволно блиску до големите планети од Сончевиот Систем како Нептун и Јупитер за да има значајна гравитациска интеракција со нив.

“Овие т.н. објекти од внатрешниот Ортов Облак како на пример 2015 ТГ387, 2012 ВП113 и Седна се изолирани од најголемиот дел на позната маса што го сочинува сончевиот систем и тоа ги прави прилично интересни”, објаснува Шепард. “Тие можат многу да ни помогнат да разбереме што се случува на крајот од нашиот сончев систем.”

Објектот 2012 ВП113 беше откриен исто од Шепард и Трухило и за него беше објавено во 2014 година. Откривањето на 2012 ВП113 ги наведе Шепард и Трухило да ги забележуваат сличностите во орбитите на неколку објекти екстремно оддалечени од сончевиот систем и предложија постоење на една непозната планета неколку пати поголема од Земјата – понекогаш наречена Планета Икс (Planet X), или Планета 9 – што орбитира околу Сонцето уште подалеку од Плутон на оддалеченост од стотици астрономски единици.

Споредба на 2015 ТГ387 на 65 астрономски единици со планетите од сончевиот систем. Сатурн се наоѓа на оддалеченост од 10 астрономски единици, и Земјата, секако, на една астрономска единица бидејќи таа мерка е дефинирана како растојание меѓу Сонцето и нашата планета. Илустрација од Роберто Молар Кандоса и Скот Шепард.

“Ние мислиме дека постојат илјадници мали објекти како 2015 ТГ387 надвор од границите на сончевиот систем, но нивната далечина е тоа што ги прави многу тешки за откривање”, вели Толен.

Објектот беше откриен од тимот за време на потрагата по непознати џуџести планети и планетата Х. Тоа е најголемото истражување за далечни објекти некогаш направено.

“Овие далечни објекти се како трошки леб што водат кон планетата Х. Колку повеќе најдеме толку подобро ќе ја разбереме надворешноста на сончевиот систем и можната планета за која сметаме дека е одговорна за нивните орбити – откритие кое би го редефинирало нашето познавање за еволуцијата на сончевиот систем”, додава Шепард.


Слики од 2015 ТГ387 направени од 8 метарскиот телескоп Субару лоциран на Мауна Кеа на 13 октомври 2015 година (горе). Сликите имаат разлика од три часа. Се забележува дека 2015 ТГ387 се наоѓа на различно место на двете слики, додека многу подалечните ѕвезди и галаксии не се поместени. Слика обезбедена од Скот Шепард.

На тимот му беа потребни неколку години набљудување за да добијат добра претстава за орбитата на 2015 ТГ387 затоа што се движи многу бавно. Тие почнаа да го набљудуваат објектот 2015 ТГ387 во октомври 2015 година со помош на 8 метарскиот јапонски Субару телескоп лоциран на Мауна Кеа на Хаваи. Следеле набљудувања со телескоп во опсерваторија во Чиле, па во Аризона во 2015, 2016, 2017 и 2018 година за да се добие орбитата на 2015 ТГ387.

2015 ТГ387 има дијаметар блиску 300 километри. Локацијата каде што достигнува перихел е слична со онаа на 2012 ВП113, Седна и голем број други екстремно оддалечени транс-нептунски објекти што сугерира дека нешто ги притиска нив во сличен тип на орбита.

Трухило и Нејтан Каиб од Универзитетот во Оклахома вршеле компјутерски симулации за тоа како хипотетички планетата Х би можела да влијае на орбитата на 2015 ТГ387. Симулацијата вклучувала планета поголема од Земјата на оддалеченост од неколку стотици астрономски единици со издолжена орбита како што првично било предложено од Константин Батигин и Мајкл Браун во 2016 година. Најголем дел од симулациите покажале дека не само што 2015 ТГ387 има стабилна орбита, туку и е под влијание на гравитацијата од планетата Х и всушност ја чува помалата 2015 ТГ387 подалеку од масивната планета. Ова гравитациско чување може да ни објасни зошто најоддалечените објекти во нашиот сончев систем имаат слични орбити. Ваквите орбити ги спречуваат од преголемо доближување до планетата што воедно е слично со тоа како Плутон никогаш не доаѓа блиску Нептун иако нивните орбити се вкрстуваат.

“Тоа што го прави овој резултат интересен е дека планетата Х изгледа влијае на 2015 ТГ387 на истиот начин како и сите други екстремно далечни објекти во Сончевиот Систем. Овие симулации не докажуваат дека постои друга масивна планета во нашиот сончев систем, но се понатамошен доказ за постоење на нешто големо таму некаде”, заклучува Трухило.

Визуелен приказ на планетата Х која би можела да биде причината за орбитите на помалите екстремно оддалечени објекти како што е 2015 ТГ387.

Превод: Христина Милошевска

Извор: CarnegieScience.edu

Сподели.