Научниците откриле група планети надвор од нашиот сончев систем каде што постојат истите природни услови за кои што се смета дека овозможиле живот на Земјата.
Истражувањата направени од страна на Универзитет на Кембриџ и Лабораторија за Молекуларна Биологија на Советот за Медицинско Истражување откриле дека можностите за развиток на живот на површина на карпеста планета како Земјата се поврзани со видот и интензитетот на светлина произведен од матичната ѕвезда.
Нивното истражување, објавено во списанието Напредок Во Науката предлага дека ѕвездите кои зрачат со доволно ултравиолетова светлина би можеле да започнат живот на планетите кои орбитираат околу нив на истиот начин на кој што животот се развил на Земјата, каде што моќта на ултравиолетовата светлина допринесува на серија на хемиски реакции кои што ги произведуваат основните градежни единици на животот.
Истражувањата откриле разни планети каде што ултравиолетовата светлина од нивната матична ѕвезда е доволна за предизвикување на овие хемиски реакции и кои што лежат во прифатливиот опсег на оддалеченост за постоење на течна вода на површината на планетата.
„Ова истражување ни овозможува да го стеснеме списокот на најдобрите места за потрага по живот.“, вели Д-р Паул Ример, постдоктроски истражувач со заедничка припадност на Кембриџ Кевендиш Лабораторија и Лабораторија за Молекуларна Биологија На Советот за Медицинско Истражување, воедно и првиот автор на статијата.
„Ова не насочува малку поблизу до одговор на тоа дали сме сами во универзумот.“
Новото истражување е резултат на тековна соработка помеѓу Кевендиш Лабораторија и Лабораторија за Молекуларна Биологија на Советот за Медицинско Истражување, соединувајќи ги органската хемија и егзопланетарното истражување. Се заснова на работата на професор Џон Судерленд, коавтор на актуелната статија, кој го проучува хемиското потекло на животот на Земјата.
Во статија објавена во 2015 година, групата на проф. Судерленд од Лабораторија за Молекуларна Биологија на Советот за Медицинско Истражување предложила дека цијанидот, иако смртен отров, бил клучна состојка во исконската супа од која што потекнува сиот живот на Земјата.
Во оваа хипотеза, јаглеродот од метеоритите кои што се судриле со младата земја се сврзал со азот од атмосферата за да се формира водороден цијанид. Водородниот цијанид врнел на површината, каде што се сврзал со други елементи на различни начини, поттикнато од ултравиолетовата светлина од сонцето. Продуктите произведени од овие реакции ја создале РНК, молекула слична на ДНК за која што повеќето биолози веруваат дека е првата животна молекула што носела наследна информација.
Во лабораторијата, групата на Судерленд повторно ги воспоставила овие хемиски рекации користејќи лампи со ултравиолетово зрачење, така што ги создале реактантите за липиди, амино-киселини и нуклеотиди, кои претставуваат основни компоненти на живите клетки.
„Наидов на овие поранешни експерименти и како астроном секогаш моето прво прашање беше каков вид на светлина користат, што тие како хемичари го немаа размислено.“, вели Ример.
„Започнав со пресметување на бројот на фотони произведени од нивните лампи, кога сфатив дека споредбата на оваа светлина со светлината произведена од различни ѕвезди е потребниот следен чекор.“
Двете групи извеле серија лабораториски експирименти за да откријат колку брзо можат да се создадат основните услови за живот од водородниот цијанид и сулфитни јони во вода изложени на ултравиолетова светлина. Подоцна го извеле истиот експеримент во отсуство на светлина.
„Постои хемија која што се одвива во темнина, побавна е од хемијата која се одвива на светлина, меѓутоа сепак постои.“, вели главниот автор проф. Дидиер Куелоз, исто така од Кевендиш лабораторијата. „Сакавме да дознаеме колку светлина ќе биде потребно за хемијата во присуство на светлина да победи над онаа која што се одвива во темнината.“
Истиот експеримент во темнината функционирал сосем исто со водородниот цијанид, додека водород сулфитот завшил претворајќи се во благородно соединиение кое што не може да се искористи за да дојде до создавање на главните фактори за живот на земјата, додека експериментот изведен на светлина резултирал со неопходните состојки за живот.
Притоа истражувањата ја овозможиле споредбата помеѓу хемијата која се одвивала на светлина со онаа во темнината наспроти ултравиолетовата светлина произведена од разни ѕвезди. Тие ја определиле количината на ултравиолетовата светлина достапна на планетите во орбитата околу овие ѕвезди за да определат каде би можело да започне делувањето на хемијата.
Пронајдоа дека ѕвездите со приближно иста температура како нашето сонце произведуваат доволно светлина за да можат да се формираат основните единици на животот на површината на нивните планети. Поладните ѕвезди од друга страна не произведуваат доволно светлина за овие основни фактори да можат да се формираат освен ако не се одликуваат со чести и моќни сончеви ветрови кои чекор по чекор ја оживуваат хемијата.
Планетите кои истовремено добиваат доволно светлина за да можат да ги активираат овие хемиски реакции и кои би можеле да имаат течна вода на површината според истражувањата се сместени во зона на абиогенеза.
Помеѓу другите планети кои се сместени во абиогенетската зона се и неколку планети пронајдени од Кеплер телескопот, вклучувајќи ја и Кеплер 452б, планета именувана како „братучетка“ на Земјата, иако се наоѓа многу далеку за да може да се истражува со сегашната технологија. Телескопите на следнта генерација, како што се ТЕСС И Џејмс Веб на НАСА, се надеваме ќе бидат во можност да пронајдат и потенцијално да карактеризираат многу повеќе планети кои се наоѓаат во оваа зона на абиогенеза.
Секако, исто така доколку постои живот на други планети возможно е тој да е или да се развие на сосем поинаков начин од оној на Земјата.
„Не сум сигурен колку е потенцијален животот, но даден само преку еден пример досега, има смисла да бараме места слични на нас,“ вели Ример. „Многу е важна разликата помеѓу неопходното и доволното. Почетните единици на животот се неопходни, но може да бидат недоволни. Можно е овие градежни единици на животот да ги мешате и да стапуваат во хемиски реакции милијарди години и ништо да не се случува. Но вие сепак сакате да погледнете на места каде што неопходните нешта постојат.“
Според скорешните проценки, постојат околу 700 милиони трилиони карпести планети во видливиот универзум. „Добивањето на некоја идеја околу тоа каков дел бил или би можел да биде подготвен за живот ме фасцинира“, вели Судерлeнд.
„Секако да се биде подготвен за животот не е се, земајќи го во предвид фактот дека всушност сеуште не го знаеме неговото потекло, дури и во дадени поволни околности, ако тоа е навистина малку веројатно тогаш би можеле да бидеме сами, но ако не можеби имаме друштво.“
Превод: Анастасија Младеновска
Извор: Phys.org