Огромно подземно езеро било детектирано за првпат на Марс, со што се зголемува можноста дека повеќе вода – и дури можеби живот – постои таму, рекоа астрономите низ светот оваа среда. Лоцирано под слој на мраз, езерото е широко околу 20 километри, пишува во извештајот што го воделе Италијански истражувачи објавен во американското списание Наука. Тоа е најголема количина на течна вода што некогаш е пронајдена на црвената планета.
„Водата е таму. Немаме повеќе сомнежи“, кажа на прес конференција Енрико Фламини, менаџерот на мисијата Марс Експрес од Италијанската вселенска агенција.
Марс е сега ладна и сува планета без никаква вегетација, но порано била топла и влажна. Била дом на големи количини течна вода и езера пред 3,6 милијарда години. Научниците се упорни во наоѓањето на знаци за постоење на вода на Марс, бидејќи такви откритија се клучни во решавањето на мистеријата дали животот на Марс некогаш постоел во минатото, или дали може да постои и ден денес.
„Ова е воодушевувачки резултат кој сугерира дека ова на Марс не е моментална бразда со вода како претходните откритија, туку постојана количина на вода која обезбедува услови за живот“, изјавува Алан Дафи, вонреден професор на Универзитетот Свинбурн во Австралија, кој не бил вклучен во студијата.
Да се биде во можност да се пристапи до водените ресурси исто така може да им помогне на луѓето во преживувањето на нашата соседна планета при следните човечки мисии, вклучувајќи ја и целта на НАСА да испрати истражувачи во 2030 година.
Поконкретно, водата во ова езеро не би била за пиење ниту за пливање, а исто така се наоѓа на длабочина од околу 1,5 километри од ледената површина во многу неповолна и ладна околина.
Дискутабилно е дали постојат микроскопски облици на живот. Некои експерти се скептични за можноста поради тоа што езерото е многу студено и солено и измешано со растворени соли и минерали.
Температурата е многу веројатно да е под точката на мрзнење на вода, но може да остане течна заради присуството на магнезиум, калциум и натриум.
„Ова откритие е од огромно значење и е поврзано со високиот број шпекулации за постоењето на живи организми на црвената планета“, рече Фред Вотсон од Австралиската Астрономска Опсерваторија.
„Секако, внимателно треба да се испитува, бидејќи концентрацијата на соли потребна за да ја одржува водата во течна состојба може да биде фатална за секој микроорганизам сличен на оној од земјата“, додава Вотсон, кој не бил вклучен во истражувањето.
Детекција со радар
До ова откритие се стигна со помош на инструмент, радар поставен на вселенското летало Марс Експрес на Европската Вселенска Агенција кое било лансирано во 2003 година. Направата е наречена напреден радар за подземни и јонизирачки звуци (МАРСИС) и бил дизајниран да најде вода под површината преку испраќање радарски импулси кои може да ја пробијат површината и ледените капи.
МАРСИС „потоа мери како радио брановите пропагираат и рефлектираат назад до вселенското летало“, се вели во студијата. Овие рефлектирања „им овозможуваат на научниците информации за тоа што се наоѓа под површината.“
Од мај 2012, па се до декември 2015 година, тим истражувачи предводен од Роберто Оросеи од Државниот Институт за Астрофизика во Болоња, Италија, истражувале регион наречен Планум Аустрале, кој се наоѓа на јужната поларна капа на Марс. Вкупно 29 примероци од радарот покажале „многу драстична промена поврзана со радарскиот сигнал“, овозможувајќи им на научниците да ги означат границите на езерото.
„Истражувањето со радар во овој предел е слично со она на езерата и течната вода пронајдени под површината на ледените гребени на Антарктикот и Гренланд, што сугерира дека постои езеро под површината на овој леден дел од Марс“, се објаснува во извештајот.
Истражувачите објаснуваат дека не се целосно сигурни колку е длабоко, но претпоствуваат дека се работи за длабочина од еден метар.
Потребна е потврда
„Ова е првата количина на вода што радарот ја детектира, па е многу возбудливо“, вели Дејвид Стилман, истражувач научник од Одделот за Вселенски Проучувања на Југозападниот Истражувачки Институт во Тексас во неговиот мејл за АФП.
Како и да е, Стилман, кој не бил вклучен во истражувањето, вели дека друго вселенско летало, или други инструменти треба да бидат во можност да го потврдат откритието.
Тој забележува дека радар инструмент кој е со поголема фреквенција направен од Италијанската вселенска агенција, наречен СХАРАД, кој бил на Истражувачкиот Орбитер Марс лансиран во 2005та година, не успеал да детектира вода под површината.
„Чудно е како СХАРАД не може да го потврди ова откритие. Всушност, не може да продре низ мразот тука и никој не знае зошто тоа се случува,“ вели Стилман. „Ова ни сугерира дека нешто чудно се случува тука. Поради тоа, јас сум скептичен во врска со ова откритие.“
Сепак истражувачите се возбудени за потенцијалните идни откритија, затоа што ако течна вода може да се најде на јужниот пол на Марс, тогаш може да ја има и на друго место.
„Нема ништо друго посебно за оваа локација повеќе отколку тоа што радарот МАРСИС на вселенското летало Марс Експрес е најчувствителен на тој регион што значи дека голема е веројатноста да постојат слични водени депозити под површината насекаде на Марс“, вели Дафи. „Голема е веројатноста да постојат слични водени депозити насекаде на Марс.“
Превод: Христина Милошевска
Извор: Phys