Магнетизамот на црните дупки е изненадувачки слаб

0

Илустрација на црна дупка. Заслуги: Мајкл МекАлеер

Црните дупки се познати по своите мускули: интензивната гравитациска сила за која се знае дека вовлекува се околу себе и лансира низи од материја во вселената со приближна брзина до онаа на светлината. Но, изгледа дека реалноста не секогаш се поклопува со претпоставките.

Научниците од Универзитетот во Флорида откриле дека овие структури имаат значително послаби магнетни полиња отколку што претходно се мислело. Црна дупка широка 64 километри, одалечена 8000 светлински години од нас наречена В404 Сигни придонесе за првите прецизни мерења на магнетното поле што ги опкружува најдлабоките текови на гравитација во универзумот. Авторите на студијата тврдат дека магнетна енергија околу црната дупка е 400 пати помала од поранешните груби пресметки.

Новите пресметки ги носат научниците поблиску до одговорот на тоа како функционира магнетиазмот на црните дупки, продлабочувајќи го нашето знаење за тоа како материјата се однесува под најекстремните услови – знаење што може да ги прошири границите за нуклеарната фузија и GPS системите. Мерењата, исто така, ќе им помогнат на научниците да ја решат мистеријата стара половина век за тоа како „млаз“ на честички кои патуваат со речиси брзината на светлината ги снимаат магнетните полиња на црната дупка, додека сè друго е вовлечено во нејзината бездна, вели авторот Стивен Ејкенбери, професор по астрономија на Колеџот за либерални уметности и науки на УФ.

„Прашањето е, како се прави тоа?“ Ејкенбери рече: „Нашите изненадувачки ниски мерења ќе наметнат нови ограничувања на теоретски модели кои претходно се фокусираа на силни магнетни полиња што ги забрзуваат и насочуваат млазните струи. Не го очекувавме тоа, така што тоа менува многу од она што мислевме дека го знаеме“.

Авторите на студијата ги развија мерењата врз база на податоците собрани во 2015 година за време на ретките млазни изливи на црни дупки. Настанот беше набљудуван преку објективот на Gran Telescopio Canarias, најголемиот телескоп во светот, кој е во сопственост на УФ и е сместен на Канарските Острови во Шпанија, а настанот е снимен со помош на инфрацрвена камера наречена CIRCE (Канариас Експеримент со Инфрацрвена Камера).

Помалите црни дупки што произведуваат млазови, како онаа забележана за студијата, се рок ѕвездите на галаксиите. Нивните изливи се случуваат одеднаш и се краткотрајни, изјавија водечкиот автор на студијата, Игит Далилар, и ко-автор Алан Гарнер, докторски студенти на одделот за астрономија на УФ. Избувнувањата на В404 Сигни во 2015 година траеле само неколку недели. Претходниот пат кога истата црна дупка имала слична епизода бил во 1989 година.

„Да се набљудува тоа беше нешто што се случува еднаш или двапати во една кариера“, рече Далилар. „Ова откритие нè става еден чекор поблизу до разбирање на тоа како универзумот функционира.“

Превод: Давид Симоновски

Извор: Phys

Сподели.