Лансирање на телескопот TESS – новиот ловец на екстрасоларни планети

0

НАСА се надева дека ќе пронајде повеќе од 20,000 планети со својот нов телескоп – ловец на планети кој ќе биде лансиран утре

Подоцна во текот на денот НАСА ќе лансира една од најочекуваните мисии, телескоп  кој е во поголема потрага по планети околу најблиските ѕвезди од кој било досега – вклучувајќи и некои потенцијално населиви планети.

Наречен Transiting Exoplanet Survey Satellite (TESS), вселенското летало ќе биде лансирано на ракетата Falcon 9 на SpaceX од Кејп Канаверал во Флорида. Лансирањето првично беше закажано за 16-ти април, во 6.32 часот изутрина по EST (11.32pm  BST), но поради дополнителни анализи е презакажано за утре, 18-ти април (среда). Преносот може да го гледате во живо на NASA TV или тука:

Мисијата е многу возбудлива, бидејќи ќе проучи 200.000 од најсјајните ѕвезди во близина на нашето Сонце трагајќи по нови светови. Планетите ќе бидат од најразлични типови – од врели гасовити џинови со кратки орбити, до планети слични на Земјата кои би биле погодни за живот.

“TESS (…) е следниот чекор во потрагата на планетите надвор од нашиот Сончев Систем”, вели НАСА.

Во текот на изминатите неколку години, најголем дел од нашето знаење за егзопланетите доаѓа од вселенскиот телескоп Кеплер на НАСА. Неговата мисија започна во 2009-та година и оттогаш пронајде илјадници светови надвор од нашиот Сончев Систем.

Сепак, мисијата Кеплер ќе заврши за само неколку месеци, кога вселенското летало ќе снема гориво. Така, потрагата по нови светови ќе биде префрлена на нови мисии како TESS, како и мисијата CHEOPS на Европа подоцна оваа година.

Лансирање на телескопот TESS – новиот ловец на егзопланети

TESS има четири предни камери. Заслуги: NASA

TESS ќе го фокусира својот поглед на ѕвездите од 30 до 300 светлински години оддалеченост од Земјата, набљудувајќи го намалувањето на светлината на ѕвездите кога планета минува пред нив – метод познат како транзит. Се очекува да пронајде повеќе од 20.000 планети, вклучувајќи стотици кои имаат маса помала од две Земјини маси и, според тоа, најверојатно ќе бидат карпести.

Кеплер набљудуваше ѕвезди во релативно мал регион на небото, но TESS ќе биде првата вселенска мисија која ќе го пребарува целото небо. Тој ќе орбитира околу Земјата по невообичаена орбита која ќе го направи тоа можно, раздвојувајќи го небото во 26 сегменти за да набљудува 350 пати поголема површина од отколку што е моќта на Кеплер, односно 85 проценти од небото за вкупно две години.


Необичната орбита на телескопот TESS.

Фокусирајќи се на светли ѕвезди, се надеваме дека многу од планетите кои ќе ги пронајде TESS ќе бидат главни цели за понатамошни студии. Земските телескопи ќе бидат искористени за да се одредат масите на околу 50 планети што ќе бидат пронајдени (TESS може да ја види само нивната големина, но не и нивната маса). Идните телескопи би продолжиле со проучување на овие новопронајдени светови, вклучувајќи го и деталното разгледување на нивните атмосфери.

Искрено, телескопот TESS ќе биде неверојатен. Тој ќе обезбеди повеќе планети за проучување од кога и да било порано, вклучувајќи и некои извонредни светови слични на Земјата. Па, ако најдете некое слободно време утре, погледнете го лансирањето.

Превод: Бојана Стефаноска

Извор: IFL Science

Сподели.