Либрации на Месечината

0

Месечевата револуција трае колку и Месечевата ротација (односно, еден круг на Месечината околу Земјата е заобиколувањето околу својата оска), а резултатот на таа складност е секогаш Месечината да биде свртена со истата страна кон нас. Од ова може да се заклучи дека од Земјата ја гледаме највеќе половината од вкупната површина на Месечината, и тоа само кога таа е полна. Но, тоа не е точно. Ние понекогаш можеме да ја видиме и другата страна на Месечината, и според тоа да видиме повеќе од половина од Месечината.

Еве за што станува збор: Ако прецизно се набљудува Месечината подолго време, може да се забележи дека таа во текот на движењето малку се ниша, и во тоа нишање открива некои делови од својата друга страна. Во реалноста, ова нишање всушност и не постои, ова е само привид кој се добива кога Месечината ќе дојде во одредена положба кон Земјата. Сепак, за ова нишање има и стручен назив – либрација (од латинскиот збор libratio – периодично движење околу положбата на рамнотежата, нишање). Постојат повеќе различни видови на либрации.

Либрација во ширина и физичка либрација

Во механичка смисла, оските на небесните тела ротираат со секогаш ист наклон кон нивната траекторија (основна особина на жироскопот е при брза ротација, правецот на неговата оска на ротирање да останува константен). Ниту Месечината во тоа не се разликува од останатите ротирачки тела. Во однос на траекторијата на орбитата околу Земјата, неговата оска на ротирање има агол од 83°19′.

Либрации на Месечината

Овој агол на Месечината се задржува во текот на целата своја револуција околу Земјата, а тоа доведува до либрација во ширината. Тоа е поради тоа што Месечината на својот пат околу Земјата преоѓа на северната страна на еклиптиката и поради тоа ние ја гледаме „од долу“ и го гледаме подрачјето на јужната поларна област на Месечевата друга страна. Така, кога Месечината ќе дојде на јужната страна на еклиптиката, ќе ја видиме површината од другата страна на северниот пол.

Либрации на Месечината

Колкав е тој дел? Од цртежот се гледа дека екваторот на Месечината кон траекторијата на движењето зафаќа агол од 6°41′. За тој агол ние можеме од Земјата да видиме „зад“ јужното, односно северното Месечево поле. Но, ако во текот на вртењето на Месечината доаѓа до извесни колебања, нејзината либрација во ширина достига и до 6°50.

Либрации на Месечината

Црвената точка го означува кратерот Моретус. Лево тој е речиси на работ на дискот. 14 дена подоцна, „нишањето“ на Месечината го оддалечил од работ.

Нутација (лат.) е осцилаторно движење на оската на ротација околу некоја положба, која настанува при ротации на цврсто тело во однос на неподвижна точка. Ова движење на Месечевата оска е неговата физичка либрација.

Либрација во должина

Значи, Месечинската револуција е синхронизирана со нејзината ротација. Месечината еднаш преоѓа преку својата траекторија околу нашата Земја и за тоа време се врти еднаш околу својата оска. Но, тоа е сихронизација. Брзината на ротацијата на Месечината е постојана, но не и брзината на нејзината револуција околу Земјата. Кога оди кон перигеј, брзината му се зголемува, додека кон апогејот, таа се намалува. На крајот, сето тоа се ускладува и еден круг околу Земјата се поклопува со еден круг околу оската, но во текот на патот овие две движења не се поклопуваат идеално.

Затоа се случува во едниот дел на патеката, Месечината да не успее да го сврти своето „лице“ и така го открива сосема малиот дел од својата друга, подалечна страна. Спротивно на ова, во другиот дел од патеката, кога брзината на револуцијата ѝ е намалена, таа поради константната брзина на ротацијата се врти повеќе отколку што би требало нејзините движења да се постојано синхронизирани, па, тогаш, повторно го гледаме делот на нејзината подалечна страна.

Либрации на Месечината

Ова може да се објасни и поинаку. За четвртина од периодот на движење по орбитата на Месечината, таа нема да помине четвртина од својата траекторија, туку повеќе или помалку од тоа, во зависност од брзината на движење. Меѓутоа, за истиот тој период, таа околу оската ќе се сврти точно за четвртина од целото вртење околу својата оска.

Се добива впечаток дека Месечината се ниша. Ваквиот вид на нишање се вика либрација во должина. Таа ни овозможува да ја видиме до 7°54′ источната и западната, подалечна страна на Месечина.

Паралактичка либрација

Постои уште една либрација која не е поврзана со движењето на Месечината, но сепак, дозволува да се погледне кон подалечната страна на нашиот сателит. Тоа е паралактичка либрација (parallaxis (гр.) – поместување). Таа е условена од односот на размерот на Месечината и Земјата и нивната меѓусебна оддалеченост.

Либрации на Месечината

Поглед на Месечината од две точки.

Земјата е поголема од Месечината и кога ја набљудуваме од дијаметрално спротивни точки од нашата планета, ќе ја гледаме „од страна“, односно ќе ги видиме и некои делови од нивната подалечна страна. Истиот овој ефект, може да се постигне и кога ќе ја погледнеме Месечината навечер и потоа, да почекаме Земјината ротација да нè пренесе на спротивната страна, односно да го почекаме утрото и повторно да го погледнеме нашиот сателит. Сега ќе се види од друг агол и ќе се забележат некои делови од другата нејзина страна, кои навечер не може да се видат.

Се разбира, за целосен ефект, потребно е Месечината да биде полна. Најголемата вредност на паралактичка либрација изнесува 1°.

Благодарение на либрациите, од Земјата можеме да видиме околу 59% од вкупната површина на Месечината. Но, не сметајте многу на тие 9% вишок од половината на Месечината. Тоа се области (се нарекуваат либрациски зони), кои ги гледаме доста од неповолен агол и за аматерски набљудувања тие се без никакво значење. Во проценти, либрациските зони опфаќаат 18% од Месечевата површина, од што 9% е на нашата поблиска страна (поради либрација, ние не ги гледаме секогаш).

Превод: Петар Ивановски

Извор: Астрономски Магазин

Сподели.