Нов пристап за детекција на планети во системот Алфа Кентаури

0

Неодамна, астрономите од Јејл, набљудувајќи го системот ѕвезди Алфа Кентаури, открија нов начин за потрага по планети погодни за живот. Според истражувањето, предводено од професорката Дебра Фишер и студентката пред дипломирање, Лили Зао, во овој систем има мали планети со големина приближна на Земјата кои не биле забележани претходно. Од друга страна пак, истражувањето го отфрла постоењето на поголеми планети, на кои беше укажано во некои претходни модели.

Нов пристап за детекција на планети во системот Алфа Кентаури

Астрономите од Јејл, неодамна, гледајќи го системот ѕвезди Алфа Кентаури, открија нов начин за потрага по планети погодни за живот. Заслуги: Michael S.Helfenbein

„Најчест тип на планети во Универзумот се малите планети и истражувањето покажува дека веројатно токму такви орбитираат околу Алфа Кентаури А и Б“ – вели Фишер, водечки експерт во подрачјето на егзопланети, која посветила декади во потрагата по планета аналогна на Земјата.

Планетарниот систем Алфа Кентаури се наоѓа на 1,3 парсеци (40 трилиони милји од Земјата), што го прави наш најблизок сосед. Составен е од три ѕвезди: Кентаури А, Кентаури Б и Проксима Кентаури. Откритието на планета слична на Земјата минатата година предизвика бран на научен и јавен интерес за системот. Поради неговата близина, овој систем е првата станица надвор од нашиот Сончев Систем, а речиси е сигурно постоењето на мали карпести планети во него, кои орбитираат околу Алфа Кентаури А и Б.

Oткритијата се темелат на податоци обезбедени од нови, понапредни спектрографски инструменти, кои се наоѓаат во опсерваториите во Чиле – CHIRON, спектрограф изграден од тимот на Фишер, HARPS, изграден од тим од Женева, и UVES, кој е дел од Very Large Telescope Array. Според Фишер, прецизноста на инструментите порано не била добра, но сега работите се менуваат.

Зао, како прв автор на истражувањето, е уверена дека во орбита околу Алфа Кентаури А може да има планети кои се помали од 50 Земјини маси. Што се однесува до Алфа Кентаури Б, таму може да има планети со не повеќе од 8 Земјини маси. Околу Проксима Кентаури може да орбитира и планета со помала маса од онаа на Земјата.

Друг важен факт кој произлегува од ова истражување е дека се елиминира можноста за присуство на поголеми планети, со што исклучено е нивното директно (или индиректно, преку астероиди) влијание брз орбитата на помалите, карпести планети.

„Ова е истражување кое користи стари податоци за да извлече нови заклучоци. Со употреба на податоците на различен начин, можеме да ги отфрлиме поголемите планети кои би можеле да ги загрозат малите, населиви светови, како и да ја стесниме областа за проучување за следните истражувања“ – вели Зао. Не треба да се заборави и дека постојаните напори на Фишер и на други астрономи за подобрување на спектрографската технологија ќе помогнат во идентификација и разбирање на составот на екстрасоларните планети.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys

Сподели.