За две егзопланети од системот TRAPPIST-1 беше утврдено дека постои најголема можност да бидат населиви, според Ејми Бар, научник од PSI.
Системот TRAPPIST-1 беше од голем интерес за набљудувачите и планетарните научници, бидејќи се чини дека содржи седум планети, сите со големина приближна на онаа на Земјата, велат Бар и коавторите Вера Добош и Ласло Л. Кис во истражувањето насловено „Внатрешните структури и плимско загревање на TRAPPIST-1 планетите,“ објавено во Astronomy & Astrophysics.
„Бидејќи ѕвездата во TRAPPIST-1 е стара и бледа, површината на планетите има релативно ниска температура според планетарни стандарди, со опсег од 400 Келвини (126 Целзиусови степени), што е поладно од Венера, до 167 Келвини (-106 Целзиусови степени), што е поладно отколку половите на Земјата,“ вели Бар. „Исто така, планетите орбитираат многу блиску до ѕвездата, со орбитален период од неколку дена. Бидејќи нивните орбити се екцентрични (не идеално кружни) можно е на планетите да се случува плимско загревање, исто како на Месечините на Јупитер и Сатурн.“
„Претпоставувајќи дека планетите се составени од лед, камен и железо, ние утврдивме колку секој елемент е застапен и која би била дебелината на секој слој поединечно. Бидејќи масата и радиусот на планетите не се прецизно одредени, ние понудивме широк опсег на можни внатрешни структури и состави,“ вели Бар. Резултатите на екипата покажувааат дека подетални проценки околу масата на секоја планета поединачно може да одредат дали на секоја од планетите има значително количество на вода.
Планетите кои беа предмет на истражувањето се именувани со букви, од b до h, поставени во редослед според нивната одалеченост од ѕвездата. Анализите, направени од коавторот Вера Добош, покажуваат дека планетите d и e се најсоодветни за можна населивост поради нивната умерена површинска температура, малата количина на загревање предизвикано од плима и поради нивните ниски температурни осцилации, кои дозволуваат создавање на состојба на стаклена градина. Планетата d е најверојатно целосно покриена со воден океан.
Тимот од научници го пресмета односот помеѓу загревањето предизвикано од плимата и преносот на топлина според конвекција (движењето на топлината предизвикано од сопствената густина) во обвивката на секоја планета. Резултатите покажуваат дека планетите b и c најверојатно имаат делумно стопена камена обвивка. Исто така, утврдено е и дека планетата c има цврста камена површина и може да има ерупции од силикатни магми на површината предизвикани од плимско загревање, слично на Ио, месечината на Јупитер.
Превод: Небојша Крстевски
Извор: Phys