Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

0

Ако некогаш сте ја виделе Месечината како се издигнува над хоризонтот, целата надуена и голема, и сте си помислиле дека уште малку и ќе се струполи врз вас, тогаш сте биле жртва на позната астрономска оптичка илузија – илузија која е сеприсутна и често погрешно толкувана.

За што се работи?

Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

Слична оптичка илузија е познатата Понцо илузија (Ponzo). Сигурно сте ја виделе: наједноставната верзија е со две кратки хоризонтални линии, поставени една над друга меѓу две коси, речиси вертикални линии. Притоа, горната хоризонтална линија изгледа подолго од долната линија, иако и двете се со иста должина.

Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

Илузијата се јавува како резултат на тоа што нашите мозоци се малку збунети. Имено, косите линии прават да мислиме дека она што е близу до врвот на линиите е подалеку од нас – косите линии го принудуваат нашиот мозок да мисли дека тие се паралелни, но се оддалечуваат од нас (како железнички пруги). Па така, иако двете хоризонтални линии имаат иста должина, нашиот мозок мисли дека горната линија е подалеку од нас. А, ако е подалеку, тогаш нашиот мозок си вели дека мора да е и поголема од долната линија.

 

Еве уште еден интересен пример.

Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

Сигурно би се заколнале дека црвената вертикална линија на десната страна е многу подолга од онаа на левата, нели? Изгледа дури како да е речиси двојно подолго!Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

Но, не е така! Ставени една покрај друга, јасно се гледа дека линиите имаат приближно еднаква должина должина.

Овој пример е одличен бидејќи користи слика од реалниот живот. Можете да видите како ѕидните плочки стануваат сѐ помали со далечината, а нивната хоризонтална поставеност, заедно со вертикалните линии меѓу нив, го принудува вашиот мозок да ја види линијата на десната страна како да е подалеку.

Оваа илузија се случува и кога Месечината изгрева.  Но, за подобро да ја разберете, ќе треба да разберете и како го гледаме небото.

Ако ве прашаат каква форма е небото е над вашата глава, веројатно ќе одговорите дека е полутопка. Но, всушност, речиси сите луѓе небото го перципираат како превртен сад со зарамнето дно. Имено, ако небото го гледате како полутопка над вас, тогаш би рекле дека хоризонтот е исто толку далеку од вас како и зенитот. Но, всушност, повеќето луѓе го гледаат хоризонтот како да е подалеку од точката директно над нивните глави. Што и не е толку чудно, особено ако помислите на тоа како изгледа еден облачен ден: облаците над главата се можеби на два или три километри над вас, но оние кои се во близина на хоризонтот може да бидат оддалечени и до 100 километри.

Па, така, кога Месечината е на хоризонтот, вашиот мозок мисли дека таа е далеку, многу подалеку од вас отколку кога е над вашата глава. Затоа, вашиот мозок Месечината на хоризонтот ја перципира како огромна. Истата илузија се јавува и кај Сонцето, па дури и за соѕвездијата на ноќното небо.

Интересно е што кога е на хоризонтот Месечината, всушност, е подалеку од нас отколку кога е над нашите глави. Не многу, но сепак за неколку илјади километри.

Зошто Месечината изгледа толку голема кога е на хоризонтот?

Човечето што стои исправено на врвот на Земјата во дијаграмот ја гледа Месечината на својот хоризонт, додека човечето што стои од страна на Земјата ја гледа Месечината над својата глава. Се гледа дека растојанијата не се исти: Месечината е поблиску до човечето кое стои од страна.

Значи, да заклучиме: се работи за обична оптичка илузија. Не е до воздухот што дејствува како објектив, ниту пак до предметите во видното поле што прават таа да изгледа голема во споредба. Се работи само за начинот на кој го гледаме обликот на небото.

Превод и адаптација: Билјана Дијанисиева

Оригинален текст: „Why does the Moon look so huge on the horizon?“ (Phil Plait)

Извор: Discover

Сподели.