Телескопот Џејмс Веб ќе ги проучува „океанските светови“ во нашиот Сончев Систем

0

Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (James Webb Telescope) на НАСА ќе ги искористи своите способности за инфрацрвено набљудување за да ги проучи „океанските светови“ на Јупитеровата месечина Европа и Сатурновата месечина Енцелад, со тоа дополнувајќи ги набљудувањата претходно направени од орбитерите Касини и Галилео, исто така на НАСА. Набљудувањата на телескопот Џејмс Веб исто така би можеле да помогнат во водењето на идни мисии кон ледените месечини.

Телескопот Џејмс Веб ќе ги проучува „океанските светови“ во нашиот Сончев Систем

Можни спектроскопски резултати од еден од водените столбови исфрлени на површината на Европа. Ова е пример за тоа какви податоци би можел да даде телескопот Џејмс Веб. Заслуги: NASA-GSFC/SVS, Hubble Space Telescope, Stefanie Milam, Geronimo Villanueva

Европа и Енцелад се на листата на цели на телескопот Џејмс Веб, која е пополнета од научници-набљудувачи кои помогнале со развивањето и создавањето на телескопот и со тоа ја добиваат можноста да бидат меѓу првите кои ќе го набљудуваат Универзумот преку него. Една од научните цели на телескопот е да проучи планети кои би можеле да помогнаат за да се расветли настанокот на живот, но ова не се само егзопланетите; Веб исто така ќе помогне во разоткривањето на мистериите кои ги содржат некои објекти во нашиот Сончев Систем (од Марс кон надворешниот дел).

Џеронимо Вилануева, планетарен научник во Центарот за вселенски летови Годард при НАСА во Гринбелт, Мериленд, е водечкиот научник на Вебовото набљудување на Европа и Енцелад. Неговиот тим е дел од еден поголем обид да се проучи нашиот Сончев Систем со телескопот, на чело со астрономот Хајди Хамел, заменик-претседателот на Асоцијацијата на универзитети за истражувања во астрономијата (AURA). НАСА ја избра Хамел како интердисциплинарен научник за Веб во 2002.

Од посебен интерес за научниците се водените столбови кои ја пробиваат површината на Енцелад и Европа, и кои содржат мешавина на водена пареа и едноставни органски соединенија. Мисиите Касини-Хајгенс и Галилео, како и телескопот Хабл (сите при НАСА), имаа собрано докази дека овие водени столбови се резултат на геолошки процеси кои затоплуваат големи подземни океани. „Ги избравме овие две месечини бидејќи имаат потенцијал да изложат хемиски обележја од астробиолошки интерес,“ изјави Хамел.


Оваа симулација покажува можни спектроскопски резултати од водените столбови на Европа, добиени со NIRSpec инструментот на телескопот Џејмс Веб. Заслуги: NASA-GSFC/SVS, Hubble Space Telescope, Stefanie Milam, Geronimo Villanueva

Вилануева и неговиот тим планираат да ја искористат блиско-инфрацрвената камера на телескопот Џејмс Веб (NIRCam, која снима на светлински фреквенции блиски до инфрацрвената светлина) за да добијат слики од Европа со висока резолуција, кои ќе ги искористат за да ја проучат нејзината површина и да трагаат по жешки региони на површината на сателитот, а кои покажуваат активност на столбовите и активни геолошки процеси. Откога ќе лоцираат еден од столбовите, тие ќе ги искористат блиско-инфрацрвениот спектрограф (NIRSpec), и средно-инфрацрвениот инструмент (MIRI) за со помош на спектроскопија да го анализираат составот на водениот столб.

Набљудувањата на телескопот Џејмс Веб би можеле да бидат особено значајни за водените столбови на Европа, чиј состав е во поголем дел сè уште мистерија. „Дали се направени од воден мраз? Дали се ослободува жешка пареа? Која е температурата на активните региони и водата исфрлена од нив?“ прашува Вилануева. „Мерењата на телескопот Џејмс Веб ќе ни дозволат да се осврнеме кон овие прашања со досега невидена точнност и прецизност.“

Телескопот Џејмс Веб ќе ги проучува „океанските светови“ во нашиот Сончев Систем

Уметнички приказ кој покажува внатрешен пресек на кората на Енцелад, што покажува како хидротермални активности би можеле да ги предизвикаат водените столбови на површината на оваа месечина. Заслуги: NASA-GSFC/SVS, NASA/JPL-Caltech/Southwest Research Institute

Кога станува збор за Енцелад, Вилануева објаснува дека бидејќи оваа месечина е речиси 10 пати помала од Европа, високо-квалитетна слика нема да биде можна. Како и да е, телескопот сè уште ќе може да го анализира молекуларниот состав на водените столбови на Енцелад и да изврши широка анализа на неговите површински карактеристики. Голем дел од релјефот на оваа месечина е веќе мапиран од страна на леталото Касини на НАСА, кое ги проучуваше Сатурн и неговите сателити во последните 13 години.

Вилануева предупреди дека, додека тој и неговиот тим планираат да го искористат NIRSpec за да бараат органски траги (како метан, метанол и етан) во столбовите на двете месечини, нема гаранција дека тимот ќе може да ги темпира набљудувањата на телескопот Џејмс Веб за да фатат една од повремените исфрлања на столбовите, а ниту дека истите столбови ќе имаат некаков значаен органски состав. „Очекуваме да забележиме нешто само ако столбовите се особено активни и ако се богати со органски компоненти,“ вели Вилануева.

Докажувањето на постоење на живот во столбовите може да се покаже како уште потешко. Вилануева објаснува дека иако хемиска неурамнотеженост во водените столбови (неочекуван вишок или недостаток на одредени хемикалии) може да биде знак на природните процеси на микробски живот, таа исто така може да биде предизвикана и од природни геолошки процеси.

И покрај тоа што телескопот Џејмс Веб можеби ќе биде неспособен да даде конкретен одговор на тоа дали подземните океани на овие месечини содржат живот, Вилануева кажа дека ќе биде во можност да ги обележи и подобро осознае активните региони на месечините, што би можело да поттикне натамошни истражувања. Понатамошни мисии, како Еуропа Клипер на НАСА, чија главна цел е да одреди дали Европа е населлива, би можеле да ги искористат податоците од телескопот Џејмс Веб за да се насочат кон најдобрите места за набљудување.

Вселенскиот телескоп Џејмс Веб е научното дополнување на Вселенскиот телескоп  Хабл на НАСА. Тој ќе биде најмоќниот вселенски телескоп кој некогаш бил изграден. Телескопот Џејмс Веб е меѓународен проект предводен од НАСА со нејзините партнери, ESA (Европската Вселенска Агенција) и Канадската вселенска агенција.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Phys

Сподели.