Истражувачите, со помош на Марсовиот Извиднички Орбитер (Mars Reconnaissance Orbiter – MRO) открија осум локации каде дебелите таложења од мраз под површината на Марс се откриени поради ерозија. Овие локации, со падини стрмни до 55 степени, ни даваат информации за внатрешната слоевита структура на предходно детектираните ледени слоеви на Марс. Мразот најверојатно бил наталожен многу одамна, во форма на снег. Овие таложења се составени од релативно чист воден мраз, покриен со еден или двометарски слој од замрзнати карпи и прав. Од ова добиваме податоци за климатската историја на Марс. Исто така, овие таложења можат да овозможат полесен пристап до вода на Марс во идните роботски или човечки мисии.
Новодобиените информации беа објавени во научното списание Science. Локациите се и на северната и на јужната хемисфера на Марс, на ширина помеѓу 55 и 58 степени – еквивалентно на Шкотска или врвот на Јужна Америка на Земјата. Шуплив подземен мраз може да се најде под 1/3 од површината на Марс, давајќи ни информации за недамнешната историја на Марс но, според Колин Дандас (Colin Dundas) од „Научниот Центар за Астрогеологија“ во Флагстаф, Аризона, она што е важно кај овие новооткриени депозити се пресеците во мразот кои ни овозможуваат подетален 3Д преглед на таложењето.
Стрмнините ни овозможуваат да погледнеме во огромните подземни слоеви мраз со помош на радарските инструменти на орбитерот MRO на НАСА или на орбитерот Марс Експрес (Mars Express orbiter) на Европската Вселенска Агенција, како и преку набљудувања на кратерите направени од недамнешни удари кои ги откриваат овие подземни региони на мраз. Според Шејн Бирн (Shane Byrne) од Месечевата и планетарна лабораторија на Универзитетот на Аризона, новооткриените депозити се како домашните фарми на мравки, каде низ стаклото од страна може да се видат скриените подземни структури кои ги прават мравките.
Научниците сè уште немаат откриено како точно се создале овие стрмнини од слоевите мраз. Но, штом закопаниот мраз станува изложен на атмосферата, стрмнините најверојатно стануваат пошироки и високи поради сублимацијата на мразот дирекно од цврста во гасовита состојба. Кај некој од стрмнините, изложениот мраз е дебел повеќе од 100 метри. Користејќи ги инструментите на MRO потврдено е дека светлиот материјал е замрзната вода, додека проверката на површината со помош на системот за сликање термални емисии е детерминирано дека слојот не е само тенка покривка од мраз.
Истражувачите претходно го имаат користено „плиткиот радар“ на MRO за мапирање на екстензивни подземни слоеви мраз на средните географски ширини на Марс. Од овие истражувања било дојдено до претпоставка дека врвот на мразот е помалку од 10 метри од површината. Но сега, со помош на истражувањата на ледените стрмнини, се потврдуваат индикациите дека слоевите богати со мраз на некои локации почнуваат дури на само 2 метри длабочина. Според Бирн, астронаутите би можеле да отидат до една од овие локации со кофа и лопата и да си земат вода колку што им треба.
Промените на аголот оската на ротација на Марс се случуваат исто како и на Земјата во текот на милиони години. Идните промени на аголот кај Марс би можело да ја променат климата во состојба каде ќе дојде до зголемување на мразот на средните географски ширини. Промената во бојата и слоевитоста забележана кај некои од стрмнините, според Дандас можеби укажува дека различните слоеви настанале како последица на промените во пропорциите на мраз и прав низ историјата зависно климатските услови во регионот.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: Phys