Ново истражување покажува дека пред 3 до 4 милијарди години околу Месечината била создадена атмосфера, кога интензивни вулкански ерупции исфрлале гасови на површината побргу отколку што тие бегале во Вселената. Истражувањето, поддржано од Виртуелниот институт за истражување на Сончевиот Систем (SSERVI), беше објавено во Earth and Planetary Science Letters.
Кога некој погледнува кон Месечината, лесно може да се види како темни површини од вулкански базалтен камен пополнуваат големи кратерски долини. Овие базалтни „мориња“ еруптирале кога Месечината била сè уште жешка и создавала изблици од магма кои понекогаш ја пробивале нејзината повшина и течеле стотици километри. Анализи од примероци, земени од мисиите Аполо, покажуваат дека оваа магма носела гасовити елементи, како јаглерод диоксид, состојките за вода, сулфур и други испарливи видови на материја.
Во новите испитувања, д-р Дебра Х. Нидхам, истражувачки научник на Центарот за вселенски летови Маршал при НАСА, и д-р Давид А. Кринг, научник од висок кадар при Универзитетската Асоцијација за Вселенски Истражувања (USRA), во Институтот за Месечина и планети (LPI) ја пресметале количината на гас која се издигнала од еруптираната лава додека таа течела на површината и покажале дека тие гасови се собрале околу Месечината за да формираат минлива, но постоечка атмосфера. Оваа атмосфера била најдебела за време на најсилната вулканска активност, пред околу 3,5 милијарди години, и откако била создадена би опстојала околу 70 милиони години пред да биде изгубена во Вселената.
Двата најголеми пулсови од гас биле произведени кога мориња од лава ги полнеле долините Серенитатис и Имбриум пред околу 3,8 и 3,5 милијарди години, соодветно. Рабовите на овие мориња од лава биле истражени од астронаути од мисиите Аполо 15 и 17, кои собрале примероци кои не само што ја одредиле староста на ерупциите, туку и содржеле примероци од гасовите кои биле произведени од ерупции на Месечината.
Нидхам вели: „Вкупната количина на вода ослободена при создавањето на базалтните мориња е речиси двојно од волуменот на езерото Тахо. Иако голем дел од оваа водена пареа најверојатно би бил изгубен во Вселената, значаен дел можеби завршил на Месечевите полови. Ова значи дека некои од испарливите материи на половите на Месечината можеби дошле од нејзината внатрешност.“
Давид Кринг забележува: „Овие испитувања драматично го менуваат нашето мислење за Месечината од безвоздушно карпесто тело до тело што било опкружено со атмосфера поопфатна од таа која денес го опкружува Марс.“ Кога Месечината ја имала оваа атмосфера, таа била речиси трипати поблиску до Земјата отколку што е денес и со тоа би изгледала речиси трипати поголема на небото.
Оваа нова претстава ќе биде од голема важност за идни истражувања за и на Месечината. Анализата на Нидхам и Кринг го определува изворот на испарливите материи кои можеби биле заробени од атмосферата во ладните региони во вечна сенка блиску до половите, и со тоа би можел да претставува извор на мраз погоден за одржлива програма за истражување на Месечината. Испарливи материи наталожени како мраз би можеле да снабдат воздух и гориво за астронаутите кои спроведуваат мисии на површината, а можеби и подалеку од Месечината.
Во последнава деценија, потрагата по испарливи материи во и на Месечината се засили. Овие материи можеби содржат траги во врска со материјалот кој се споил за да ги создаде Земјата и Месечината, a со тоа и потеклото на нашата планета. Овие материи исто така можат да ги снабдат на самото место – ресурсите потребни за одржливи активности на површината на Месечината, кои можат да дојдат по развивањето на новото екипно возило на НАСА, Орион, како и структура Порта (Gateway) која би можела да орбитира околу Месечината. Додатно, роботи како Извидувачот на Ресурси (Resource Prospector) на НАСА, моментално се развиваат за да ги истражат природата и распореденоста на овие наталожувања кои би можеле да бидат погодни за научничка анализа и преземање. Врз основа на новите резултати од Нидхам и Кринг, овие роботи би можеле да враќаат мраз кој е делумно составен од испарливи материи кои еруптирале од вулкански пукнатини пред преку 3 милијарди години.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: Phys