Мисиите на НАСА со нови информации за океанските светови во нашиот Сончев Систем

0
Мисиите на НАСА со нови информации за океанските светови во нашиот Сончев Систем

Илустрација која го прикажува нурнувањето на Касини во млазот на Енцелад во 2015. NASA/JPL-Caltech

Две веќе постари мисии на НАСА ни носат нови детали за ледените океански месечини на Јупитер и Сатурн, зголемувајки го веќе постоечкиот голем интерес за овие светови. Откритијата се објавени од страна на научниците кои се дел од мисијата Касини на НАСА и Вселенскиот телескоп Хабл. Тимот на Касини известува за вид на хемиска енергија која може да се користи од страна на живи организми на Енцелад, додека тимот на Хабл презентира нови докази за млазови вода на површината на Европа, сателитот на Јупитер. Томас Зурбучен од НАСА вели дека ова е одличен пример за поврзаноста и соработката меѓу различните мисии на НАСА, што нè носи најблиску досега во потрагата за откривање на состојките потребни за живот на други небесни тела.

Хемиската енергија за која зборува  тимот на Касини е всушност водороден гас кој е ослободен од страна на хидротермалната активност на самото дно на океанот во потповршинските океани на Енцелад. Присуството на водород значи дека микробите, доколку ги има на Енцелад, можат него да го комбинираат со јаглеродниот диоксид во водата за да добијат органски молекули и енергија. Оваа реакција, позната како метаногенеза поради производството на метан како продукт, е основата на дрвото на животот на Земјата и можеби е критична за појавата на живот на нашата планета.

Животот каков што го знаеме (на Земјата) бара три состојки да постои: течна вода, извор на енергија за метаболизам  и  хемиските состојки јаглерод, водород, азот, кислород, фосфор и сулфур. Касини ни има покажано дека Енцелад, малата ледена месечина која од Сонцето е оддалечена милијарди километри повеќе отколку Земјата, ги има скоро сите овие состојки за населивост. Касини сè уште не ни има дадено инфомации за присуството на сулфур и фосфор во океаните и покрај сомнежите за нивно присуство заради претпоставената сличност помеѓу јадрата на Енцелад и метеорите кои ги содржат овие елементи.

Касини детектираше водород во млазот на гас и леден материјал за време на своето последно и најдлабоко нурнување во млазот на 28.10.2015. Касини, исто така, зеде примероци од составот на млазовите и во предходните летови на мисијата. Од сите овие набљудувања, заедно е заклучено дека 98% од гасот во млазот е вода, додека 1% е водород, а остатокот е мешавина од молекули на јаглерод диоксид, метан и амонијак. Мерењата на Касини се изведени со јонски и неутрален масен спектрометар (INMS). Инструментот примарно бил создаден за истражување на горните делови од атмосферата на Титан (најголемиот природен сателит на Сатурн), но по откритието на огромен млаз од мраз во 2005-тата од јужниот пол на Енцелад, детекторите веднаш биле свртени кон oвие млазови за чиешто постоење тимот не знаел пред мисијата.

Мисиите на НАСА со нови информации за океанските светови во нашиот Сончев Систем

Графички приказ на тоа како научниците сметаат дека водата реагира со почвата на дното на океанот на Сатурновата месечина Енцелад, што резултира со создавање водороден гас. NASA/JPL-Caltech

Овие нови откритија се додатен независен доказ на веќе постоечките кои укажуваат кон постоење на заемни дејства помеѓу врелата вода и почвата под морето од кои се добива водородниот гас.

Трудот кој се однесува пак на откритијата на Хабл вселенскиот телескоп објавен во „Писма на Астрофизичкото списание“ на Издаваштвото на Институтот за физика во САД зборува за набљудувања на Европа (сателит на Јупитер) од 2016-та, во кои најверојатно е забележан млаз од материјал на истото место на површината каде што Хабл виде докази за млаз во 2014. Овие слики ги зајакнуваат доказите дека млазовите на Европа се вистински постоечки феномен во овој регион на површината.

Мисиите на НАСА со нови информации за океанските светови во нашиот Сончев Систем

Комбинирани слики кои ги покажуваат можните млазови од материјал кои избиваат во временска рамка од 2 години еден од друг на истата локација на Јупитеровата ледена месечина Европа. Двете слики се сликани во UV спектарот од Хабл. NASA/ESA/STScI/USGS

И двете набљудувања се направени во регион со невообичаено повисоки температури, кој содржи пукнатини во ледената кора на месечината видени во доцните 90-ти од страна на вселенското летало Галилео на НАСА, што, исто како и кај Енцелад, може да е доказ за вода која избива од внатрешноста на сателитот. Зголемените температури може да се должат на директно загревање од страна на подземната вода или пак задржувањето на водата на површината како магла која овозможува поголема задршка на топлина за разлика од околниот регион.  Набљудувањата се направени со Хабловиот спектрограф (STIS) кој ги гледа млазовите во UV спектарот. Самите атмосферски структури се забележуваат со тоа што ја блокираат светлината на Јупитер на рабовите на силуетата на сателитот кога минува пред  Јупитер.

Мисиите на НАСА со нови информации за океанските светови во нашиот Сончев Систем

Зелениот круг ја обележува областа во која Хабл ги забележа млазовите на Европа која соодветствува со топол регион на површината. Мапата е направена врз база на набљудувања од вселенското летало Галилео. NASA/ESA/STScI/USGS

Идните истражувања на овие океани се овозможени со набљудувањата на Хабл и Касини кои ги поставуваат темелите за новата мисија на НАСА за Европа, Europa Clipper, која се планира да започне со лансирање закажано во 2020-тите.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Phys

Сподели.