Новото истражување на НАСА открива дека огромниот Mарсовски вулкан Арсија Монс (Arsia Mons) исфрлал ново количество на лава на врвот секои една до три милиони години од последната активност. Неговата последна вулканска активност престанала пред околу 50 милиони години – близу до периодот Креда – Палеоген на Земјата, кога исчезнал огромен број на растенија и животни (вклучувајќи ги и диносаурусите) од нашата планета.
Сместен многу блиску до екваторот на Марс, Арсија Монс е најјужен член на триото од вулкани Тарсис Монтес. За создавањето на Арсија Монс биле потребни милијарди години, иако деталите за неговата историја сè уште се разгледуваат. Последната вулаканска активност зазема место во калдерата – кружна депресија (земјиште потонато во однос на другото) на врвот – каде што се идентификувани 29 вулкански вентили. Досега, на научниците им беше тешко прецизно да проценат кога последен пат било активно ова вулканско поле.
„Проценуваме дека кулминацијата на активноста на вулканското поле на врвот на Арсија Монс најверојатно се случила пред 150 милиони години – во доцните години на периодот Јура на Земјата, а потоа згаснал во исто време со животот на диносаурусите,“ – изјави Џејкоб Ричардсон, постдокторски истражувач во НАСА. „Можно е еден или два од вулканските извори да биле активни и во последните 50 милиони години, што е многу ретко во геолошка смисла.“ Ричардсон ги презентираше откритијата на 20-ти март оваа година, на Лунарно-планетарната научна конференција во Вудлендс, Тексас. Студијата исто така е објавена и во магазинот Earth and Planetary Science Letters.
Простирајќи се 110 километри надолжно, калдерата на вулканот е и доволно длабока за да ја собере целата вода од езерото Хјурон. Тимот научници ги мапираше границите на протоците лава на сите 29 вентили и ја заклучи стратиграфијата (слоевите) на протоците. Истражувачите користеа и уште една техника, наречена броење кратери, евидентирајќи го бројот на кратери на дијаметар од 100 метри за да ја проценат староста на протоците.
Користејќи нов компјутерски модел, создаден од Ричардсон и научниците на Универзитетот на Јужна Африка, двата вида на информации се комбинирани за да се утврди староста на целата формација вулкани. Најстарите протоци датираат од пред околу 200 милиони години. А најмладите, пак, најверојатно се појавиле пред 10 до 90 милиони, или попрецизно пред околу 50 милиони години. Новиот модел исто така придонесе за проценките на волуменот на теченијата на лавата. Пред околу 150 милиони години, изворите на Арсија Монс заедно исфрлале по околу 1 до 8 кубни километри магма на секој милион години.
Подлабокото осознавање на историјата на вулканската активност на Марс е многу важна, бидејќи им помага на астрономите што повеќе да ја осознаат Црвената планета и нејзината внатрешна структура.
„Главна цел на Вулканолошката заедница на Марс е подобро да ги разбере анатомијата и животниот циклус на Марсовските вулкани. Вулканите на Црвената планета содржат докази за поголем временски период од оние на Земјата, но нивната историја на производтсво на магма може да биде сосема поинаква“ – вели Џејкоб Бличер, планетарен геолог и ко-автор на студијата. „Ова истражување ни дава сосема поинаков поглед на тоа како згаснал животот на Арсија Монс и се стишил еден огромен вулкан.“
Превод: Давид Симоновски
Извор: Phys