Кјуриосити се дотркала до нов потенцијален метеорит на Марс

0
Кјуриосити се дотркала до нов потенцијален метеорит на Марс

Овој необичен камен, фотографиран на 12-ти јануари годинава од страна на роверот Кјуриосити на НАСА, се чини дека е метален метеорит. Доколку се потврди, тоа ќе биде третиот пронајден метеорит од роверот на Црвената Планета. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/MSSS

Тркалајќи се по падините на планината Шарп, Кјуриосити роверот на НАСА, по сè изгледа наиде на уште еден метеорит, трет откако роверот слета пред речиси четири години. Иако сè уште не е потврдено, објектот со форма на мисирка е со сив метален сјај и нерамна површина со ситни дупчиња кои навестуваат регмаглипти. Регмаглиптите, вдлабнатини кои наликуваат на отпечатоци во пластелин, се честа појава кај метеоритите, предизвикана кога помеките материјали на површината согоруваат за време на краткиот  но интензивен пад низ атмосферата, проследен со многу високи температури и притисоци.

Кјуриосити се дотркала до нов потенцијален метеорит на Марс

Слика одблизу на која се гледаат дупчиња од ласерот. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/MSSS

Интересно е што само една фотографија од метеоритот се појавува во базата на необработени фотографии од Марс. Кјуриосити ја сними фотографијата на 12 јануари во 11:21 UT со помош на неговата камера во боја монтирана на јарболот. Ако фотографијата се погледне одблизу, малку надесно и горе, на една третина од долниот дел на каменот се забележуваат три сјајни точки во низа. Хмм… Изгледа дека каменот бил изгорен од ChemCam ласерот на Кјуриосити. Роверот поседува ласер со кој согорува дел од површината на метеоритот, додека спектрометар ја анализира пареата од плазма што се создава и го утврдува хемискиот состав. Светликавата површина на дамките, налик на огледало, е уште еден доказ дека сивата грутка е метеорит примарно составен од железо и никел.

Кјуриосити се дотркала до нов потенцијален метеорит на Марс

Запознајте го „Каменот Јајце“, уште еден метеорит од железо и никел, вториот пронајден од Кјуриосити. Белите дамки/дупчиња се местата каде роверот го употребил ласерот за да го утврди хемискиот состав. Роверот го пронајде метеоритот на 27 октомври 2016. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Кјуриосити има поминато повеќе од 15 километри од слетувањето во кратерот Гејл на Марс во август, 2012-та година. Минатото лето и дел од есента ги помина во пејзаж налик на Ново Мексико, исполнет со мали платоа со стрмни страни, кои се издвојуваат од околината, како во вестерн филмовите (заб. на прев.), наречени Марееви Столбови (Murray Buttes.) Оттогаш го има напуштено овој пејзаж и продолжува да се искачува се повисоко, на помладите слоеви по долните падини на планината Шарп, со цел да истражи повеќе карпи. Научниците се надеваат дека ќе бидат во можност да добијат увид во климатските промени кои регионот го трансформирале од прастаро слатководно езеро, со услови поволни за живот на микроорганизми (доколку некогаш постоеле на Марс), во студената, ветровита пустина, која што денес се наоѓа таму.

Под претпоставка хемиската анализата на каменот да покаже дека навистина се работи за метален состав, ова ќе биде осмиот ваков метеорит пронајден од нашите ровери. Сите досегашни беа составени главно од железо, иако железните метеорити се прилично ретки, барем на Земјата. На нашата планета, околу 95% од пронајдените или забележани метеорити се камени (претежно хондрити), 4.4% се железни и 1% комбинирани, железно-камени.

Кјуриосити се дотркала до нов потенцијален метеорит на Марс

Кјуриосити го пронајде овој метеорит наречен Либан во 2014. Широк е околу 2 метри одлево-надесно. Помалото парче во преден план е наречено Либан Б. На оваа фотографија, во средината се комбинирани серија од кружни фотографии со голема резолуција, направени со RMI далечинскиот микро-фотоапарат, со фотографија снимена од камерата на јарболот. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/LANL/CNES/IRAP/LPGNantes/CNRS/IAS/MSSS

Роверот Опортјунити на НАСА пронајде пет метални метеорити, а Кјуриосити се истркала покрај неговото прво откритие – прекрасен голем камен наречен Либан (Lebanon) во мај 2014. Ако ова беше на Земјата, мазната и сјајна површина на метеоритот ќе значеше дека е пристигнат неодамна, но никој не може да каже со сигурност колку долго тој се наоѓа на Марс. На планетата се јавува ерозија предизвикана од ветрот и промените на температурата, меѓутоа недостигаат кислород и влага во атмосферата, кои најдобро би разјале и кородирале ваков примерок на железен метеорит. Сепак, најновиот наод изгледа мазен на изглед, можеби исполиран од ветрот и песокот во некои од бројните песочни бури кои беснееле низ еоните на Марс.

Кјуриосити на Марс се дотркала до нов потенцијален метеорит

Кјуриосити навистина добро знае како да ве пренесе на Марс. Овој поглед на оголени карпи и темен песок е направен со навигационата камера на роверот на 13-ти јануари. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/MSSS

Зошто сè уште не се пронајдени поголеми камени метеорити на Марс е мистерија. Од она што го знаеме, тие треба да се многу повообичаени. Како железните, така и камените метеорити прикажуваат прекрасни отпечатоци, но дополнително и темна стаклеста кора. Можеби едноставно премногу добро се вклопуваат во пејзажот на Марс, со сите останати камења и карпи расфрлани по површината. Или можеби на Марс еродираат побрзо отколку железните метеорити.

Секој пат кога на Марс ќе пронајдеме нов метеорит на некоја од сликите од роверите, возбудата е голема, меѓу другото и поради тоа што нашата и Црвената Планета се доста слични, имаат вода, мраз, ветер и се бомбардирани од истите космички камења.

Превод: Дарко Димковски

Извор: Universe Today

Сподели.