Откриен нов вид галаксија со досега невиден феномен

0

Откриен нов вид галаксија со досега невиден феноменНаучниците откриле исклучително редок вид на галаксија оддалечна околу 359 милиони светлински години од Земјата со единствена кружна структура која досега не е идентификувана.

Галаксијата, наречена PGC 1000714, е пример за прстеновидна галакција во која надворешниот круг од млади ѕвезди го опкружува постарото галактичко јадро.

Блиско набљудување на PGC 1000714 открива дека јадрото се наоѓа не само во средината на еден, туку на два прстени од ѕвезди, и ова е првпат астрономите да наидат на ваков феномен. Најчестите типови галаксии се во облик на диск, а ѕвездите се или во спирална формација, како кај Млечниот Пат, или во елиптичен облик.

Но, постојат и други видови галаксии, вклучувајќги ги и прстеновидните галаксии – од кои најпознат пример е Хоговиот објект кој во 1950 година го открил астрономот Артур Хог.

За разлика од галаксијата во облик на диск, ѕвездите во прстеновидните галаксии се поделени на два дела – еден кој го сочинуваат млади сини ѕвезди, и втор составен од добро дефнинирани стари, помалку сјајни ѕвезди во средината.

Прстеновидните галаксии сами по себе неверојатно се ретки, па кога научниците сфатиле дека галаксијата PGC 1000714 поседува два прстени од ѕвезди, откриле нешто прилично посебно.

„Тоа беше како да сме воочиле снежен леопард или некое друго ретко и необично животно“ изјавил астрофизичарот Патрик Тротхарт (Patrick Treuthardt) од Природонаучниот музеј во Северна Каролина.

„Галаксија од Хогов тип, со еден кружен прстен кој го обиколува кружното јадро е многу ретка, но пронаоѓањето на таква со потенцијално два правилни прстени е навистина единствена.“

Тротхарт и колегите ја анализирале PGC 1000714 во опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле и утврдиле дека надворешниот прстен е составен од сини ѕвезди стари околу 130 милиони години, додека внатрешното црвено јадро е многу постаро – околу 5,5 милијарди години.

Во текот на истрагата пронашле докази за секундарниот прстен од ѕвезди, во внатрешноста на надворешниот прстен од млади сини ѕвезди. Со натамошни анализи откриваат секундарна структура која Тротхарт ја нарекува „постар дифузно црвен внатрешен прстен“, а ѕвездите во него се доста постари од младите ѕвезди во надворешниот прстен.

Откриен нов вид галаксија со досега невиден феномен

Хоговиот објект, фотографиран од Вселенскиот телескоп Хабл (Hubble) во јули 2001 година. Заслуги: NASA and The Hubble Heritage Team (STScI/AURA); Acknowledgment: Ray A. Lucas (STScI/AURA)

„Една проценка наведува дека галаксиите од Хогов тип може да сочинуваат 0,1 проценти од видливите галаксии, но и мнгоу помалку од тоа“ изјавува Тротхарт. „Различните бои во внатрешниот и надворешниот прстен укажуваат на тоа дека оваа галаксија доживеала два различни периоди на формирање“ објаснуваат од Универзитетот во Минесота.

„Од тие почетни поединечни формации, невозможно е да се дознае како настанале прстените во оваа одредена галаксија“. Со ова научниците мислат дека е можно надворешниот прстен да вградил во себе делови од галаксии кои некогаш постоеле во близина, а кои биле богати со плин.

Сепак, останува нејасно колку долго тие прстени ќе постојат – ако не останат релативно долго во таков облик, би можело да се објасни зошто таквите галаксии се ретки. Научниците велат за да се одреди староста на внатрешниот прстен мораат да се соберат повеќе податоци.

„Потребно е повеќе да ја истражуваме внатрешноста на галаксијата“ изјавил Тротхарт за CTV News.

Додека сè уште не знаеме многу за галаксијата PGC 1000714 и воопшто за прстеновидните галаксии, научниците велат дека ѕвездените состави кои не се вклопуваат во шаблонот се особено значајни за натамошно разбирање на Вселената.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.