Огромна празнина без ѕвезди во Млечниот Пат

0

Според професорот Нориуки Мацунага (Noriyuki Matsunaga) од Универзитетот од Токио потребна е голема ревизија за нашето сфаќање на Млечниот Пат. Астрономи од Италија, Јужна Африка и Јапонија најдоа огромен регион околу центарот на нашата галаксија во кој нема млади ѕвезди. Статијата е објавена во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.

Огромна празнина без ѕвезди во Млечниот Пат

Илустрација на Млечниот Пат со локацијата на новооткриените Цефеиди (означени со жолто). Порано познатите објекти локализирани околу Сонцето (означено со црвен крст) се претставени како бели точки. Зелениот круг поставен централно е „Цефеидната пустина.“ Заслуги: University of Tokyo

Млечниот Пат е спирална галаксија која содржи милијарди ѕвезди, а нашето Сонце се наоѓа на 26.000 светлински години оддалеченост од нејзиниот центар. Одредувањето на дистрибуцијата на ѕвездите е клучно за одредување на начинот на кој нашата галаксија настанала и еволуирала. За тоа идеални се пулсирачките ѕвезди наречени Цефеиди. Тие се многу помлади (меѓу 10 и 300 милиони години) од нашето Сонце (4,6 милијарди години) и „трепкаат“ (нивната светлина пулсира) во правилни интервали. Должината на интервалот е во врска со луминозитетот на Цефеидот, па со набљудување астрономот може да го одреди вистинскиот сјај на ѕвездата во споредба со оној што го гледаме на Земјата и така да ја одредиме нивната далечина.

Треба да се има предвид дека сево ова е многу потешко отколку што звучи, поради интергалактичкиот прав кој ја блокира светлината од многу од ѕвездите. Тимот на Мацунага го компензираше ова со анализа на спектарот близу до инфрацрвеното подрачје со помош на Јапонско-јужноафриканскиот телескоп лоциран близу до Сатерленд, во Јужна Африка. На нивно големо изненадување тие забележаа минимален број на Цефеиди на огромен регион кој се протега на илјадници светлински години од јадрото на галаксијата.

Огромна празнина без ѕвезди во Млечниот Пат

Уметничка претстава на предвидената распределба на млади ѕвезди, овде прикажани преку Цефеидите кои се дадени како сини ѕвезди, претставени на позадина на цртеж од Млечниот Пат. Со исклучок на малата грутка во Галактичкиот центар, се забележува дека централните 8.000 светлински години растојание ширум галаксијата содржат многу малку Цефеиди, а следствено на тоа и многу малку млади ѕвезди. Заслуги: The University of Tokio

Уште од пред некое време е познато дека има Цефеиди во централниот дел на Млечниот Пат (регион со радиус од околу 150 светлински години). Сега дознаваме дека има огромна пустина од Цефеиди која досега до 8000 светлински години од центарот.

Ова укажува на тоа дека во голем дел од нашата галаксија наречен „екстремно внатрешен диск“ нема млади ѕвезди. Овој заклучок е во спротивност со некои други студии, но е во согласност со оние на радио астрономите.

Друг истражувач, Џузепе Боно (Giuseppe Bono), истакнува: „Моменталните резултати покажуваат дека немало значајно формирање на млади ѕвезди во голем регион во текот на стотици милиони години. Движењето и хемискиот состав на новите Цефеиди помагаат во разбирањето на еволуцијата на Млечниот Пат.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys

Сподели.