НАСА планира да испрати подморница на Титан

0

Едно од најинтересните места во Сончевиот Систем е месечината на Сатурн, Титан, како најголем природен сателит на прстенестиот гасовит џин. За потсетување, станува збор за единственото тело во Сончевиот Систем кое, освен Земјата, има течни океани на површината. Секако, станува збор за океани од метан и етан, а не од вода како што е случај со океаните на Земјата, кои при ниските температури што ги има на Сатурн сепак имаат исти обрасци на однесување.

И додека за истражување на пустите предели на Марс се користат вообичаените лендери и ровери, НАСА за мисијата на Титан планира нешто сосема ново – ни помалку, ни повеќе, туку испраќање на автоматизирана подморница којашто би ги истражувала длабочините на океаните на Титан. Идејата неодамна ја претставил криоинженерот Џејсн Хартвиг (Jason Hartwig) во текот на неодамнешниот Симпозиум на иновативни напредни концепти на НАСА (NASA Innovative Advanced Concepts (NIAC) Symposium).

Хартвиг го откри и шематскиот приказ за предложената подморница, каде посебно се истакнува големиот комуникациски перископ на нејзиниот труп, со помош на кој би се одвивала комуникацијата помеѓу подморицата и трансмитерите на Земјата, на неверојатна оддалеченост од скоро 1,5 милијарди километри.

НАСА планира да испрати подморница на Титан

Моментален дизајн на подморницата. Заслуги: NASA

Според сегашните планови, подморницата ќе биде долга шест метри, а ќе потонува со земање на течен метан и етан во себе, односно ќе испливува со негово отфрлање со помош на резервоари. Бидејќи подморницата нема да биде снабдена со посебен извор на гориво, потрошувачката на минимална количина енергија во текот на секојдневните операции ќе биде од пресудно значење.

Секако, подморницата ќе биде уредена со различни мерни инструменти, од кои посебно се издвојуваат радарот и сонарот, потоа различна метеоролошка опрема како и напредна камера. Иако станува збор за ладен објект, каде што морето од метан и облаците составени од цијанид се вообичаена појава, сепак да нагласиме дека Титан има одредена сличност со Земјата во раните денови од неговата геолошка историја, а не треба да заборавиме дека на него се присутни хидролошки процеси споредливи со оние на Земјата.

Може да се каже дека најважната предност на подморницата се нејзината мултифункционалност. На површината би можела да ја мери силата и фреквенцијата на брановите и ветровите, и составот на атмосферата, а потоната би можела да ги истражува длабочините на океаните на Титан, вклучувајќи го и самото морско дно.

Се напоменува дека плановите за изградба на сондата засега се во фаза на чекање, се додека вселенската сонда Касини не достави нови податоци за Титан и неговите мориња, а со цел прилагодување на спецификациите. Сепак се очекува дека проектот ќе биде ставен на повторна проценка некаде во март, следната година.

Ако сé се одвива според планот, подморницата на НАСА би можела да заплови по морињата на Титан некаде во далечната 2038 година.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.