Светот на ALMA ноќе

0
Светот на ALMA ноќе

Антените на телескопот ALMA ноќе (поголема верзија од фотографијата видете овде). Заслуги: Babak A. Tafreshi

Панорамската слика – платото Чајнантор (Chajnantor), опфаќа поглед од околу 180° од север (левиот раб на сликата) до југ (десниот раб на сликата) и ги покажува чиниите на антените на ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array – ALMA), распоредени низ нереален пејзаж. Некои добро познати небесни објекти се гледаат на небото над нив. Овде прикажаното кристално јасно ноќно небо покажува зошто Чиле не е домаќин само на ALMA, туку и на многу други астрономски структури. Сликата е дел од една поголема панорама на Чајнантор.

Во преден план од сликата се гледаат 12 метри високите ALMA антени, коишто функционираат како еден голем телескоп, за време на првата фаза од научното набљудување. Сосема лево е осветлена група од помали антени од 7 метри. Иако на сликата не се гледа, српот на Месечината предизвикува антените да имаат сенки.

Најсветлата „ѕвезда“ на небото над антените не е вистинска ѕвезда, туку тоа е планетата Јупитер. Огромниот гасовит џин е третиот најсветол природен небесен објект на ноќното небо, после Месечината и Венера. Десно на сликата се препознаваат Големиот и Малиот Магеланов облак. Големиот Магеланов облак директно над антената сосема десно потсетува на облак од дим. Малиот Магеланов облак се наоѓа малку повисоко на небото во правец на горниот десен агол од сликата. Двата „облака“ всушност се неправилно обликувани џуџести галаксии кои се наоѓаат во близина на Млечниот Пат на оддалеченост од 160 000 и 200 000 светлински години.

На левиот раб од сликата, малку лево од предните антени, се гледа долга дамка од галаксијата Андромеда. Таа е сместена десет пати подалеку од Магелановите облаци и е наша најблиска голема галаксија. Таа воедно е и најголемата галаксија во Локалната група – збир од околку 30 галаксии, заедно со нашиот Млечен Пат; содржи милијарди ѕвезди, значи дупло повеќе од нашата домашна галаксија. Таа е единствената галаксија којашто лесно може да се види со голо око. На оваа фотографија можеме да ја видиме само централната област, но се простира на должина шест пати поголема од дијаметарот на полна Месечина на небото.

Сликата е од Бабак Тафреши (Babak Tafreshi), најновиот член на фотографски амбасадори на ESO (European Southern Observatory). Бабак е иницијатор на проектот „The World at Night“, програма за креирање и претставување прекрасни фотографии и забрзани снимки на најубавите историски места пред ноќните сцени од ѕвездите, планетите и небесните случувања.

ALMA е меѓународен проект кој заедно го остваруваат Европа, Северна Америка и Источна Азија во соработка со Република Чиле. За време на развојот, изградбата и функционирањето на опсерваторијата, ESO е одговорна за европскиот допринос, Националната Астрономска Опсерваторија за Јапонија за Источна Азија и Националната Радио Астрономска Опсерваторија  за придонесот на Северна Америка. Joint ALMA Observatory го превзема целокупното водство на проектот за изградба, внатрешно работење и набљудувачкиот погон на ALMA.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.