Гравитациски бранови детектирани и по вторпат

0

Само неколку месеци по првото детектирање на гравитациските бранови од страна на научниците, тоа откритие се повторува. За потсетување, овие, досега недетектирани бранови, научниците ги регистрираа во февруари во склоп на американскиот проект LIGO, гигантски состав од два детектора, од коишто едниот е сместен во Луизијана, а другиот во сојузната држава Вашингтон.

Исто како во првиот случај, екипа од проектот LIGO и овојпат ги детектираше брановите ослободени со спојување на две црни дупки. Наведениот судар се случил на оддалеченост од 1.4 милијарди светлински години од Земјата, ослободувајќи гравитациски бранови во траење од неколку секунди, што е подолго во однос на ослободените гравитациски бранови  во февруари, процес кој траел само пола секунда.

Според податоците коишто сега се достапни, црните дупки кои учествувале во сударот настанале со имплозија на ѕвезда со половична маса во однос на објектите кои учествувале во сударот регистрирани во февруари. Да потсетиме, тогаш е регистрирано спојување на црни дупки со маса околку 30 пати поголема од масата на нашето Сонце, додека за објектите кои учествувале во неодамна детектираниот судар се проценува дека имале маса од 8 до 14 пати поголема од масата на на Сонцето.

Утврдена е и ротација на една од црните дупки, што претставува прв физички доказ дека црните дупки навистина се вртат. Од податоците собрани на 26-ти декември минатата година, можат да се исчитаат последните 27 ротации, а пред сударот со друга црна дупка. Како резултат на сударот настанала нова црна дупка со маса 21 пати поголема од Сончевата, што е значајно поголем објект од црните дупки кои настануваат со колапс на ѕвезда.

За крај, напоменуваме дека во тек е анализата и третото потенцијално празнење, врз основа на податоците собрани во октомври минатата година.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.