Во последно време теориите за црни дупки се актуелни, па новото истражување ни презентира докази дека црните дупки не се тридимензионални, туку дека тие се само оптички илузии во Универзумот. Кога квантната физика започнува да игра улога во теориите за црни дупки, резултатите можат да бидат многу чудни. Претходно, познатиот физичар Стивен Хокинг тврдеше дека црните дупки по некое време ќе испарат. Според „Futurism“, нов тим на истражувачи откриле дека црните дупки не се навистина дупки, туку дека тие се рамни дводимензионални холограми.
Оваа теорија добива смисла кога ќе ги разгледате проблемите кои произлегле во минатото објаснувајќи ја Ајнштајновата теорија за гравитација во внатрешноста на една црна дупка од гледна точка на квантната физика. Друг проблем е тоа што во досегашните теории, нештата, фактички, ја напуштаат црната дупка кога нешто ново е всмукано внатре. Но, овие квантни честички кои ја напушаат црната дупка не се ни оддалеку слични со оние кои што влегле внатре. Ова е проблем ако на ум ја имаме теоријата дека информацијата не може да биде уништена, слично како и енергијата. Нештата кои излегуваат надвор не можат да се поврзат со било каква информација која влегува внатре, па прашањето е каде всушност таа информација се пренесува?
Според „Science Alert“, црните дупки претставуваат природно настанати холограми кога се подложени на нашите закони на три-димензионално набљудување. Со помош на теоријата за Јамкаста квантна гравитација, Даниел Пранцети, од Институтот за Теоретска Физика Макс Планк во Германија, успеа да утврди пресметки кои се препокриваат со останатите познати закони на физиката, додека во исто време објаснувајќи го парадоксот на информациите кога станува збор за црните дупки.
Оваа нова теорија во принцип ни укажува дека сè што една црна дупка претставува може да биде објаснето преку постоење во само две димензии. Ова значи дека црните дупки изгледаат изобличено кога ги набљудуваме од тридимензионална перспектива. Набљудување на објекти во димензии различни од нашата, може да стане навистина незгодно. Па така, истражувачкиот тим ја поврзува ентропијата на црната дупка со нејзината површина, наместо со нејзиниот волумен како што досега се мислеше, според „Tech Insider“.
Сè уште има многу што не знаеме за овие феномени, но ова ново истражување изгледа дека е издржано и може цврсто да ги објасни физичките аномалии што се појавуваат кога се набљудува квантната интеракција во внатрешноста на црните дупки.
Превод: Бобан Панов
Извор: Interesting Engineering